ОД СТРАНСТВО И ВО МАКЕДОНИЈА СЕ ШИРАТ ЛАЖНИ ВЕСТИ ЗА ДА СЕ ДЕСТАБИЛИЗИРА ЗЕМЈАТА, ВЕЛИ ШЕЌЕРИНСКА

    ОД СТРАНСТВО И ВО МАКЕДОНИЈА СЕ ШИРАТ ЛАЖНИ ВЕСТИ ЗА ДА СЕ ДЕСТАБИЛИЗИРА ЗЕМЈАТА, ВЕЛИ ШЕЌЕРИНСКАМинистерката за одбрана Радмила Шекеринска одново демантираше дека на воениот полигон Криволак се користи муниција со осиромашен ураниум; - од денешниот Отворениот ден на АРМ за граѓаните (Фото: К. Попов)

    Во Македонија и надвор од земјата постојат структури кои не сакаат оваа држава да стане пристојно место
    за живеење, кои не сакаат Македонија финално да се стабилизира, и кои не сакаат да успее во своите
    стратешки приоритети – членка на НАТО и членка на ЕУ, рече денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска, демантирајќи уште еднаш дека на воениот полигон Криволак се користи муниција со осиромашен ураниум.

    „Лага е дека на Криволак се користи осиромашен ураниум и неодговорно е и антидржавно и срамно што
    некој се обидува да ја злоупотреби. Најостро и најдецидно ја демантирам дезинформацијата со којашто
    сакаат граѓаните да се уплашат“, рече таа во изјава за медиумите на Отворениот ден на АРМ за граѓаните.

    Во изминативе денови на социјалните мрежи се појавија информации дека на воениот полигон Криволак
    ќе се користи муниција со осиромашен ураниум. Првично дезинформацијата ја објави на својот фејсбук профил извесен Златко Ковач, Македонец кој живее во САД, кој според текстот на американскиот политички магазин „Политико“ е дел од уредничкиот тим на рускиот пропаганден сајт Спутник, а потоа таа се прошири низ социјалните мрежи. Министерството за одбрана веднаш ја демантираше дезинформацијата и рече дека „ваквите лаги имаат за цел да ја поттикнат недовербата на граѓаните во НАТО и се во функција на негативна кампања за претстојниот референдум“.

    Шекеринска рече дека Македонија повеќе од 14 години учествува во мисиите на НАТО, а над десет
    години на Криволак се одвиваат и македонски и регионални и вежби на НАТО.

    „Зар не е малку чудно што првпат, после овие 10-15 години, во последнава година наеднаш се појавија
    дезинформации околу можните опасности?“, кажа Шекеринска, додавајќи оти во изминатава година
    секојпат кога државата ќе забележи успех, извесните структури излегуваат со лаги и дезинформации.

    „Ги демантирам и порачувам дека овие лаги нема да нè обесхрабрат, да го работиме тоа што ни го
    доверија граѓаните“, да ја направиме Македонија подобра држава. Ве поттикнувам вас и како новинари и
    како истражувачи да ги видите линковите, да се обидете да дознаете што е во позадина. Нас нема да не
    дефокусираат да се занимаваме со нив, наместо да се занимаваме со нашата задача, имаме стратешки
    приоритет, имаме државни цели, и фокусирани сме на нив. Меѓутоа, факт е дека исти луѓе, иста држава 10-
    15 години не гледала проблем во сите овие работи, бидејки нема таква опасност“, рече министерката за
    одбрана.

    Шекеринска рече дека сака државата да е побезбедна и постабилна, а со тоа и еколошки почиста.

    „Јас сум државјанин на оваа држава, немам резервни пасоши, немам резервни татковини, немам сметки
    на Белизе, и единствено нешто што сакам е државата да ми биде подобра, постабилна, побезбедна, па и
    еколошки почиста. Убедена сум дека никој од нас, такво нешто не би дозволил ниту за себе, ниту за своето
    семејство, ниту за својата држава“, рече  Шекеринска.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари