ОДЛОЖЕНА РАСПРАВАТА ЗА ЗАКОНОТ ЗА ЈАЗИЦИТЕ ОТИ НЕ ДОЈДЕ НИКОЈ ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ПРАВДА

    ОДЛОЖЕНА РАСПРАВАТА ЗА ЗАКОНОТ ЗА ЈАЗИЦИТЕ ОТИ НЕ ДОЈДЕ НИКОЈ ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ПРАВДАПретседателот на собраниската Комисија за европски прашања Артан Груби рече дека добил известување од министерот за правда Билен Саљији дека е во Летонија, а заменик-министерот Оливер Ристовски не дојде (Фото: Ѓ. Личовски)

    Амандманската расправа за предлог-законот за употреба на јазиците која денеска требаше да почне во собраниската Комисија за европски прашања е одложена, поради, како што соопшти претседателот на Комисијата Артан Груби, неприсуството на претставници од Министерството за правда. Груби соопшти дека добил известување од министерот за правда Билен Саљији дека е во Летонија, и дека на денешната седница го очекувале заменик-министерот Оливер Ристовски.

    „Мора да има претставник на Владата кој ќе се изјасни за 90-те амандмани што се поднесени за Законот“, рече Груби, додавајќи дека за продолжението на седницата ќе извести денеска или утре.

    Според Деловникот, амандманската расправа за предлог-законот треба да трае три дена. Груби тврди дека, роковите, кои веќе течат, се почитуваат. Тој додаде оти очекува дека на продолжението на седницата ќе дојдат и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.

    На 21 ноември, Груби рече дека ја одложил расправата затоа што таа недела Собранието требаше да се занимава за значајни реформски прашања, па не сакал јавноста да се дефокусира со законот за јазици.

    Еврокомесарот Јоханес Хан на посетата на Скопје на 20 ноември кажа дека Владата и другите фактори во земјата имаат поприоритетни прашања за решавање од Законот за јазиците.

    „Владата и другите фактори во земјата се фокусираат на законите и условите кои се релевантни за добивање на препорака. Законот за јазиците не е дел од она што е договорено во овој контекст“, кажа Хан.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари