ОПОЗИЦИЈАТА И СДСМ ВО СОБРАНИЕТО СЕ НАБЕДУВААТ КОЈ ПОВЕЌЕ ИМ УГОДУВА НА ПРИВАТНИТЕ БОЛНИЦИ, ИТНАТА ПОМОШ НЕМА ДА СЕ ПРИВАТИЗИРА

    ОПОЗИЦИЈАТА И СДСМ ВО СОБРАНИЕТО СЕ НАБЕДУВААТ КОЈ ПОВЕЌЕ  ИМ УГОДУВА НА ПРИВАТНИТЕ БОЛНИЦИ, ИТНАТА ПОМОШ НЕМА ДА СЕ ПРИВАТИЗИРАПредложените измени ќе се носат по Нова Година, ќе следи првин јавна расправа (Фото: СДК.МК)

    Опозицијата во Парламентот денеска со вкупно 2.000 амандмани за измените на Законот за здравствена заштита ја блокираше работата на Комисијата за здравство, обвинувајќи дека власта низ многуте новини што ги внесува, по брза постапка сака да протурка и приватизација на Брзата помош и на трансплантацијата на органи.

    Власта предводена од СДСМ и министрот Венко Филипче веднаш одговорија дека Брзата помош ќе биде бесплатна, а измените во однос на целата постапка околу пресадувањето органи била повлечени уште минатата недела и дека во овој дел сè останува исто.

    „Недостатокот на јавна расправа за вакви суштински измени кои се носат во период додека во Собранието се расправа за Буџетот за 2022 година, е јасен сигнал дека власта преку овие измени сака да обезбеди само профит за поединци кои единствено ги интересира бизнисот, а не здравјето на граѓаните. Откако здравствената фела остро се спротистави на овие измени, беше најавено повлекување на законот, но денес гледаме дека сето тоа било само обичен блеф и дека власта се обидува закнот да го истурка на мала врата“, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Синиша Стојаноски.

    Тој тврдеше дека она што може државата да го прави сама, без да им плаќа на приватните амбуланти и болници за нивните услуги, треба да продолжи да го прави. ВМРО-ДПМНЕ се сомнева дека оваа измена се сака да се протне за да им се удоволи на приватни здравствени установи блиски до СДСМ.

    Пратеничката од СДСМ Соња Михаилова, пак, кажа дека е лага оти брзата помош се приватизира во јавните здравствени установи.

    „Со овој закон се овозможува граѓаните во руралните средини да имаат достапна и постојана здравствена заштита. Измените на Законот за здравствена заштита во делот со Итна медицинска помош ќе овозможат зголемување на ресурсите на Брзата помош како и законско регулирање на услугата која со години наназад ја дават приватните здравствени установи. Законската измена не ги изложува граѓаните на дополнителни финансиски трошоци, туку напротив амбулантните возила на итната медицинска помош на Приватните здравствени установи ќе им бидат ставени на располагање на граѓаните, односно Итната помош на приватните болници, граѓаните ќе може да ја користат бесплатно“, рече Михаиловска.

    Таа се врати наназад и потсети дека ВМРО-ДПМНЕ за време на своето владеење Итната помош ја оставила со само 5 возила, а лекарите ги довела на раб на егзистенција поради што се случил голем одлив на кадри надвор од Македонија.

    Михаиловска возврати на обвинувањата: „Дали блокадите на Левица и на ВМРО-ДПМНЕ се со цел да го заштитат монополот на приватните болници? Тоа треба да го одговорат пратениците на овие партии“.

    Според предложените измени, се создаваат можности во рамки на мрежата на здравствени установи, итната медицинска и стоматолошка помош и домашното лекување, како и земањето и пресадување на делови од чеовековото тело заради лекување, да ја вршат и приватни здравствени установи, покрај јавните здравствени установи, со цел да воспостави поефективен систем на итна медицинска помош.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира