Премиерот Христијан Мицкоски денеска во празничниот говор ја повика опозицијата да се исчисти од криминалот во нејзините редови, да не биде деструктивна и да се приклучи кон платофрмата која тој како премиер ја нуди за подобра иднина на земјата.
Мицкоски рече дека во изминатите 33 години земјата се соочила со многу предавства од страна на неодговорни политички лидери кои ги продаваа националните интереси и дека е разбирлива разочараноста кај граѓаните. Прва цел на оваа Влада, како што кажа Мицкоски, е да се победи разочарувањето кај граѓаните, а втората да се сузбијат криминалот и корупцијата.
„Опозицијата мора да созрее и да се реформира, наместо да е приврзок и параван на криминални политичари кои ја доведоа државата до ова дереџе. По етничките основи мора да сме обединети затоа што споделуваме исти проблеми и предизвици и само заедно можеме да успееме. Затоа денеска од овде соопштувам десет принципи околу кои треба да создадеме заедништво и сплотеност на сите фактори и општествени чинители, не само власта или неколку партии од опозицијата. Туку сите, универзитетите, синдикатите, стопанствениците и коморите, земјоделците, МАНУ, професорите, лекарите, сите општествени двигатели. Сите партии и сите чинители да седнеме на заедничка маса и да изградиме македонска платформа за делување. Платформа за иднината и наредната доба“, рече Мицкоски во говорот на свечена академија во Филхармонијата под слоганот „Заедно се бориме, заедно ќе успееме“ за Денот на независноста.
Мицкоски рече дека на криминалот му доаѓа крај, а мора да престанат и партиските вработувања.
„Мора да се прекине партизацијата на општеството, да не ги делиме луѓето од една или друга партија, туку на способни и помалку способни. Способните мора да напредуваат. Не смее партиската книшка да биде дозволата за напредок, туку дипломата и реалното знаење. Мораме да се оградиме од етничките конфликти и да ги изолираме елементите кои создаваат меѓуетничко неединство. Мора да се стави крај на долгата листа желби за етнички права зад кои вистински стои ништо повеќе туку личниот интерес на тие кои ги произведуваат, за сметка на колективниот“, рече Мицкоски.
Премиерот во празничниот говор кажа дека Владата ќе работи за исполнување на нашата стратешка цел, а тоа е членството во Европската Унија.
„Немаме друга алтернатива, ниту пак постои друга реална шанса. Желбата на народот за членство во Унијата е желба за подобар стандард, повисоки критериуми, повеќе пари и среден систем. И ние како Влада и општество не смееме да отстапиме од европскиот пат“, додаде Мицкоски.