Бизнисменот Јордан Камчев и поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков се осомничени во истрагата на Специјалното јавно обвинителство под кодно име „Империја“, заедно со Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Цветан Панделески, Владислав Стајковиќ и уште седуммина други за Злосторничко здружување, Оштетување или повластување на доверители, Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама и Перење пари и други приноси од казниво дело, соопшти СЈО.
„Денес е отворена истрага под кодно име „Империја“ против Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски, поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела Злосторничко здружување, Оштетување или повластување на доверители, Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама и Перење пари и други приноси од казниво дело“, се вели во соопштението на СЈО.
Од СЈО додаваат дека во текот на предистражната постапка, со преземање на различни истражни дејствија како и со примена на посебни истражни мерки, се обезбедени доволно докази од кои произлезе основано сомнение дека во периодот од 2002 година до 2013 година осомничените ги сториле кривичните дела што им се ставаат на товар лично и преку правни лица кои биле или се во нивна сопственост.
Од СЈО кажаа дека лишени се од слобода петмина од осомничените, кои во текот на денот ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка и за кои ќе бидат побарани мерки за обезбедување присуство. Во текот на денешниот ден од страна на ова Јавно обвинителство, во соработка со МВР, беа извршени 12 претреси, велат од СЈО.