СЈО ВЛЕЗЕ ВО ФИРМИТЕ НА ОРЦЕ КАМЧЕВ

    СЈО ВЛЕЗЕ ВО ФИРМИТЕ НА ОРЦЕ КАМЧЕВОрце Камчев излегува од распит во старото седиште на СЈО во август 2016 (архивска фотографија - Ѓ. Личовски)

    Обвинители од Специјалното јавно обвинителство утринава во 6 часот влегле во сите фирми на бизнисменот Орце Камчев, потврдија неофицијално од СЈО за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    СЈО врши претрес во седиштето на „Орка холдинг“ и во други фирми надвор од Скопје, врз основа на судска наредба. Акцијата е со асистенција на Одделот за сузбивање на организиран криминал и корупција на МВР, велат неофицијално од СЈО, но не кажуваат за какви сомневања станува збор, односно какви кривични дела истражуваат со инспекторите од организиран криминал од МВР.

    Нема информации во моментов додека трае претресот ни дали се врши заплена, а ни дали е некој уапсен.

    На 29 август 2016 Камчев дојде на распит во СЈО, но Обвинителството тогаш не кажа во кое својство и за кој случај е повикан.

    Бугарија на 13 април годинава побара согласност од македонското Министерство за надворешни работи да го именува Камчев за функцијата почесен конзул на Република Бугарија со седиште во Штип, но Владата уште не ја донела таа одлука. Според биографијата приложена во МНР, Камчев е сопственик и акционер во повеќе компании: КБ Аџибадем Систина, Аџибадем Сити Клиник во Бугарија, ЗК Пелагонија, Пелагонија Енерџи, Стопанска банка Битола, Жито Полог а.д. Тетово, Млекара Здравје Радово, Систина Нефроплус, Бетон-Штип а.д. Штип, Хотел Мериот, Хотел Ибис, Монт, Кара АД.

    Камчев до февруари 2017 година беше еден од сопствениците на МПМ, пропаднатата медиумска компанија, која е предмет на истрага на СЈО како најголемиот донатор на изборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори во 2013, со 252.843 евра.

    Неговото име беше поврзувано и со оф-шор фирмата „Ексико“, една од најуспешните компании во земјава со непознат сопственик, која беше регистрирана на иста адреса во Олбани, САД со фирмата „Финзи“, чиј директор Коста Крпач се самоуби, а беше сведок на СЈО и меѓу 56-те аболицирани од претседателот Ѓорге Иванов за криминали произлезени од прислушуваните материјали.

    Реномираниот економски магазин „Форбс“ во 2016 го прогласи Камчев за најбогат Македонец. Според „Форбс“, Камчев кој тогаш имаше 46 години беше еден од најмладите на листата на најбогатите, но и еден од ретките кој во 2015 го зголемил богатството.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари