ОСЛОБОДЕНИ ОД ПАРТИЦИПАЦИЈА ЗА ЛЕКУВАЊЕ 20.000 ДЕЦА ОД СОЦИЈАЛНО ЗАГРОЗЕНИ СЕМЕЈСТВА

    ОСЛОБОДЕНИ ОД ПАРТИЦИПАЦИЈА ЗА ЛЕКУВАЊЕ 20.000 ДЕЦА ОД СОЦИЈАЛНО ЗАГРОЗЕНИ СЕМЕЈСТВА„Со бесплатна здравствена заштита семејствата нема се размислуваат дали да ги однесат на лекар децата, мислејќи прво на парите, а не на здравјето“, рече министерката за труд и социјална политика Мила Царовска. (Фото: МТСП)

    Децата чии семејства добиваат социјална парична се ослободени од партиципација за здравствени услуги. Тие бесплатно ќе се лекуваат во сите јавни здравствени установи, кажа министерот за здравство Венко Филипче на денешната промоција на мерката која ја усвои Владата на вчерашната седница, со која од партиципација да ги ослободи лицата до 18 годишна возраст од семејства кои користат социјална помош. Оваа мерка е донесена на предлог на граѓанската организација „Лил“.

    „Очекуваме да се зголеми достапноста на здравствени услуги и да се поштеди оваа ранлива група граѓани од дополнителни финансиски трошоци при остварување на правото за здравствена заштита. Овие млади луѓе бесплатно ќе се лекуваат во сите јавни здравствени установи, специјалистичко консултативни и болнички дејности. Станува збор за програма која ќе ја спроведува Министерството за здравство со која ќе бидат опфатени 20.000 лица и од буџетот се одвоени 20 милиони денари“, рече Филипче.

    Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска рече дека ослободувањето од партиципација е значителна и дополнителна поддршка за семејствата кои примаат социјална парична помош.

    „Секое дете е важно и секое дете треба да има право да се развива и расте во здрави и соодветни услови. Знаеме дека социјалната заштита сè уште е на едно ранливо ниво заради тоа што наследивме руиниран систем. Со бесплатна здравствена заштита семејствата нема се размислуваат дали да ги однесат на лекар децата, мислејќи прво на парите, а не на здравјето. Со намалувањето на трошоците остануваат повеќе средства за живот“, рече Царовска.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира