Откако Уставен суд експресно ја стави Уредбата на Владата на дневен ред и забрани намалување на своите, на платите на судиите, обвинителите, пратениците, директорите и други јавни функционери, уставните судии денеска донесоа одлука таа владина Уредба да се поништи. Судот одлучи дека уредбата е противуставна.
Тоа значи, платите на функционерите остануваат и натаму во цел износ како досега. Владината уредба за кратење на платите на функционерите само за април и мај, беше донесена како мерка за солидарност во борбата со справување со пандемијата со коронавирус и со работниците од приватниот сектор, кои или земаат минималец или ги изгубиле работните места.
Поништувачка одлука Уставниот суд донесе и за Уредбата на Владата со која беа запрени, не полните суми плати на администрацијата, туку само надоместоците и додатоците на плата, зашто повеќето не одат на работа поради коронавирусот, седат повеќе од еден месец дома.
На денешната седница Уставниот суд одлучи да го укине членот 18 став 2 од Законот за извршување. Тоа значи дека отсега натаму, извршителите нема да смеат да им наплаќаат на граѓаните камата на трошоците за извршување кои тие лично за себе ги наплаќаат.
„За Судот не е јасно како може да се наплаќа законска камата на трошоци на постапка, ако тоа не е наведено во извршната исправа (пресуда, решение со кои некому му пресудиле штета, итн)“, изјавија за САКАМДАКАЖАМ.МК од Уставниот суд по денешната седница.
С. К. ДЕЛЕВСКА