ОСУДЕНИОТ ЗА МИТО ИЏЕТ МЕМЕТИ ФОРМАЛНО ЌЕ БИДЕ РАЗРЕШЕН ОД ФУНКЦИЈАТА ВО ВТОРНИК, ВЕЛИ ГАШИ

    ОСУДЕНИОТ ЗА МИТО ИЏЕТ МЕМЕТИ ФОРМАЛНО ЌЕ БИДЕ РАЗРЕШЕН ОД ФУНКЦИЈАТА ВО ВТОРНИК, ВЕЛИ ГАШИПо сè изгледа дека Мемети ќе добие плата само за половина август, но Советот на јавни обвинители го чека првин разрешувањето од Собранието, па потоа ќе му ја пресметува платата на Иџет Мемети (Фото: СДК.МК)

    Осудениот член на Советот на јавни обвинители Иџет Мемети за корупција, ќе биде разрешен во вторник кога е закажана седницата за интерпелација, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК претседателот на Собранието Африм Гаши.

    На прашање зошто го нема на дневен ред на закажаните собраниски седници на трети (понеделник) и на 11 септември, Гаши ни одговори дека таквите постапки не одат како точки на дневен ред, туку Собранието во рамки на закажаната седница по други точки, само ќе констатира разрешување и престанок на мандатот на осудениот висок функционер, избран од Парламентот.

    Законот вели дека Собранието треба да го разреши на првата наредна седница осудениот член на Советот на јавни обвинители кој призна вина за примање мито и се спогоди со обвинителството и судот за (условна) казна. На трети септември (вторник) е закажана првата собраниска  седница, по долгата летната ферија на пратениците.

    Во Советот на јавни обвинители уште не ја пресметале платата на доскорешниот колега Иџет Мемети. Оттаму ни рекоа дека платата, односно мандатот како член на СЈО на Мемети му престанува дента кога пресудата против него станала правосилна.

    Пресудата условна казна што сметаше дека е доволна и му ја одобри судијата Пајазит Пајазити од Основниот кривичен суд Скопје, на Иџет Мемети му стана правосилна на 14 август.

    По се изгледа дека Мемети ќе добие плата само за половина август.

    Но, од Советот велат треба да се почека вторник за навистина да се разреши Мемети, а потоа со толкување на законот, Советот ќе утврди до кога корумпираниот колега имал право да зема личен доход.

    Мемети беше второобвинет покрај веднаш разрешениот врховен судија Наќе Георгиев, обвинет дека заедно со Мемети, му ветувале на синот на осудениот ексградоначалник Боро Стојчев дека за 10.000 евра ќе му помогнат на татко му во друга истрага што исто така се води во ОЈО ГОКК. Синот видел дека го лажеле двајцата, па ги пријавил во МВР, каде што му дале обележани банкноти. Кога на 20 мај синот му ги дал бележаните пари на рака на Георгиев, се појавила полицијата и го фатила Георгиев на дело, со 15.000 евра во џебот од палтото.

    „Соочен со прибраните докази, осомничениот И.М. со самото потпишување на предлог – спогодбата ја призна вината, односно не го спори кривичното дело што му се става на товар и е согласен со предложената кривична санкција. Според описот содржан во диспозитивот на предлог – спогодбата тој, по претходен договор со првоосомничениот Н.Г. го искористил своето реално влијание, службена положба и углед како заменик претседател и член на Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија и на неутврден датум, во текот на месец април и мај 2024 година, преку Н.Г. му пренел на сведокот дека наводно интервенирал да не се изврши службено дејствие што би морало да се изврши – поднесување на обвинителен акт во врска кривична постапка против таткото на сведокот осомничен за кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги и психотропни супстанции од чл.215 ст.3 в.в. со ст.1 од Кривичен законик. За кривичниот предмет што се водел во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција против таткото на сведокот, И.М бил претходно запознаен од страна на Н.Г. При неколкукратна меѓусебна комуникација преку интернет апликацијата Ватсап Н.Г. во присуство на сведокот разговарал со И.М кој не знаел дека разговорите ги слушал и сведокот. Во еден од тие разговори, сведокот дознал дека наводно од страна на И.М. бил даден налог за спогодување со таткото на сведокот и дека ќе биде одобрено барањето за склучување на предлог спогодба со осомничениот – татко на сведокот. Притоа на сведокот од страна на осомничениот Н.Г. му било предочено дека при утврдување на видот и висината на казната ќе биде предложена и утврдена казна затвор од 5 (пет) години, како минимална казна за предметното кривично дело, која како таква подоцна ќе биде и одобрена и дека истата е резултат на нивната интервенција“, кажа тогаш Обвинителството за организиран криминал и корупција.

    Судијата Пајазити место да го отфрли нискиот предлог од условна казна за една година, и судењето да го врати во редовна постапка, тој го прифатил. Во ваков случај странките немаат право на жалба, пресудата станува правосилна.

    Судијата Душан Јосифов пак, за врховниот судија Наќе Георгиев прифати предлог од само 3 години затвор. И таа пресуда стана правосилна.

    Судскиот совет веќе формира комисија да го разгледа ова однесување на судиите од Кривичниот суд, односно застрашувачкиот пристап за луѓе од највисоката правосудна власт да прифатат толку ниски казни и со тоа да ја сведат толку гласната борба против корупција, на ниво на невкусна шега.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира