ОТФРЛАМ БИЛО КАКВА ПОВРЗАНОСТ, СОРАБОТКА ИЛИ КОМУНИКАЦИЈА СО БОКИ 13 ЗА СЛУЧАЈОТ „РЕКЕТ“, НАПИША ЗАЕВ НА ФЕЈСБУК И ПОВИКА НА БРЗА ИСТРАГА

    ОТФРЛАМ БИЛО КАКВА ПОВРЗАНОСТ, СОРАБОТКА ИЛИ КОМУНИКАЦИЈА СО БОКИ 13 ЗА СЛУЧАЈОТ „РЕКЕТ“, НАПИША ЗАЕВ НА ФЕЈСБУК И ПОВИКА НА БРЗА ИСТРАГАПремиерот вели дека одговорност мора да има и за осмислувачите и за сите оние кои прават сè да се спасат и при тоа се претставуваат како жртви. - Зоран Заев на прес-конференција во Владата (Фото: СДК.МК)

    Премиерот Зоран Заев отфрли било каква поврзаност, соработка или комуникација со осомничениот Бојан Јовановски – Боки 13 во врска со случајот „Рекет“ и за било какви други прашањата кои се предмет на истрагата за овој случај, во објава на Фејсбук по денешните снимки објавени од италијанскиот весник „Ла Верита“.

    „Најостро, категорично и одговорно отфрлам било каква поврзаност, соработка или комуникација со осомничениот Бојан Јовановски во врска со случајот „Рекет“ и за било какви други прашањата кои се предмет на истрагата за овој случај. Со Бојан Јовановски единствено имам разговарано за хуманитарни активности на неговиот Меѓународен сојуз, после што ниту јас ниту Владата не сме имале никаква натамошна соработка, ниту формална, ниту неформална. Се имам појавено и на интервјуа во 1тв, како што редовно се појавувам на сите други телевизии и медиуми, во интерес на отвореноста кон јавноста“, вели Заев.

    Заев повика на темелна и независна истрага за случајот, која вели дека мора да заврши брзо и да ги покаже сите детали.

    „Повикувам на темелна и независна истрага, која мора да заврши што е можно поскоро и мора да ги покаже сите детали. Резултатот од истрагата мора да донесе преземање одговорност, исклучиво согласно докази и согласно словото на правото“, кажа Заев.

    Премиерот вели дека одговорност мора да има и за осмислувачите и за сите оние кои прават сè да се спасат и при тоа се претставуваат како жртви.

    Во денешните снимки, Боки 13 постојано ја истакнува својата блискост со премиерот и му ја гарантира на Камчев неговата поддршка. Тој му вели на Камчев дека разговарал со Заев и дека тој нема да прави проблем. За ова, Заев вели:

    „Во најновиот објавен разговор некои од осомничените го спомнуваат и злоупотребуваат моето име. Притоа се изнесуваат лаги и бесмислици со цел едниот соговорник да ја зајакне својата позиција на моќ и авторитет пред другиот соговорник“.

    На прес-конференција на 17 јули, Заев соопшти дека бизнисмени лично кај него се жалеле дека биле предмет на уцена и тој случајот го пријавил во Обвинителството. На 18 јули, во изјава за Независен весник, и шефицата на Обвинителството за организиран криминал Вилма Рускоска, која го води случајот „Рекет“, потврди дека Заев ги известил за уцените.

    „Премиерот усно нè извести мене и јавниот обвинител, притоа изразувајќи подготвеност да дојде и да поднесе кривична пријава на записник. Но ние му советувавме сведокот да дојде во Обвинителство и да пријави“, рече Рускоска.

    Заев на 16 јули на прес-конференција одговори на тогашните обвинувањата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека високи претставници од власта заедно со Боки 13 учествувале во уценувањето на бизнисмени. Премиерот рече дека ако Мицкоски има докази за такво нешто треба да го пријави, а не да шпекулира со имиња.
    „Со јавни личности се среќаваме сите. Можете да видите слика на Боки 13 со мене и други општественици, пејачи, членови на опозицијата. Тоа не значи дека се инкриминирани или влезени во некаква структура на криминал“, додаде Заев.

    Боки 13 и Зоран Милески- Кичеец за случајот „Рекет“ беа уапсени на 15 јули и добија 30 дена притвор во Шутка.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира