ОТКАЖАН ЛЕТОТ СО КОЈ ТРЕБАШЕ 11-МИНА МАКЕДОНСКИ ГРАДЕЖНИ РАБОТНИЦИ ДА СИ ДОЈДАТ ДОМА ОД ТЕЛ АВИВ, АМБАСАДОРОТ ЗБОРУВА СО НИВ, ЌЕ ПОЛЕТААТ НАЈВЕРОЈАТНО В ПЕТОК

    ОТКАЖАН ЛЕТОТ СО КОЈ ТРЕБАШЕ 11-МИНА МАКЕДОНСКИ ГРАДЕЖНИ РАБОТНИЦИ ДА СИ ДОЈДАТ ДОМА ОД ТЕЛ АВИВ, АМБАСАДОРОТ ЗБОРУВА СО НИВ, ЌЕ ПОЛЕТААТ НАЈВЕРОЈАТНО В ПЕТОКПатници лежат на писта на аеродромот Бен Гурион во Тел Авив додека трае ракетен напад. (Фото: Твитер/принтскрин)

    Единаесетмина градежни работници од Македонија, кои успеале да заминат од палестинската област Рамалах на Западниот Брег, се заглавени во Тел Авив, откако денешниот лет во 12.50 часот со компанијата „Туркиш ерлајнс“ за Истанбул бил откажан. И картите што им ги купила фирмата се пропаднати. Фирмата третпат купила карти, двапати пропаднале.

    Но сега, односно во 19 часот по израелско време, покрај амбасадорот Мачеј Качоровски, кај едниот од 11-темина вработени се јавил лично и министерот за надворешни работи Бујар Османи.

    Заглавените работници добиле уверување дека се прават максимални напори овие и други наши државјани да полетаат од Тел Авив в петок. Амбасадорот ги уверувал дека се безбедни.

    Летот би бил комерцијален, додека МНР, според изјавата за САКАМДАКАЖАМ.МК, прави напори да обезбеди чартер лет одовде и да ги собере сите граѓани во Израел кои досега се пријавиле за евакуација. Не е одреден денот за тој транспорт, само ни беше кажано дека ќе се случи наскоро.

    Обезбедувањето на авиотранспорт, не само на овие наши државјани, туку и на уште стотина кои се пријавиле за итна евакуација од завојуваниот Израел, е оставено засега на нашиот амбасадор. Но, како тој  наоѓа места по авиони кои летаат кон Балканот, така летовите се откажуваат.

    Овие 11-мина се наоѓаат во хотел на два километра од аеродромот во Тел Авив. Сами купуваат храна. Како и сите, живеат со звуци на сирените и мора деноноќно да ги почитуваат инструкциите од безбедносните власти на Израел.

    Досега со авиони на туѓи држави и преку нивни амбасадори, за овие 6 дена војна со Хамас во појасот Газа, 40 наши сограѓани успеале да се вратат во Македонија.

    МНР соопшти дека  утринава уште дваесет граѓани биле префрлени на безбедно во Тел Авив каде ќе чекаат за евакуација.

    Најголем дел од странските авиокомпании ги откажаа летовите од и до Тел Авив од безбедносни причини. Хамас секојдневно го гаѓа аеродромот Бен Гурион со ракети.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира