ОТВОРАЊЕТО НА КЛУБОТ „ВАНЧО МИХАЈЛОВ“ Е ПРОВОКАЦИЈА, СОРАБОТНИК НА ХИТЛЕР НЕ МОЖЕ ДА БИДЕ МОСТ ЗА ПРИЈАТЕЛСТВО, КАЖА КОВАЧЕВСКИ

    ОТВОРАЊЕТО НА КЛУБОТ „ВАНЧО МИХАЈЛОВ“ Е ПРОВОКАЦИЈА, СОРАБОТНИК НА ХИТЛЕР НЕ МОЖЕ ДА БИДЕ МОСТ ЗА ПРИЈАТЕЛСТВО, КАЖА КОВАЧЕВСКИОтворањето на клубот според Ковачевски не допринесува за подобрување на односите и постигнување на договор, а со тоа и отворање на преговорите за земјава со ЕУ.(Фото: Ѓ.Личовски)

    За премиерот Димитар Ковачевски отворањето на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола на кој присуствуваше премиерот Кирил Петков и бугарскиот државен врв е провокација која што не оди во насока на подобрување на односите и постигнување на договор, а со тоа и отворање на преговорите за земјава со ЕУ.

    „Во однос на настанат кој се случи во саботата, тој не претставува ништо повеќе од провокација бидејќи ги буди духовите од минатото. Се работи за личност која што била соработник и на Хитлерова Германија и на Мусолинова Италија и на Павелиќ и која со тоа воопшто не може да придонесе како личност што може да биде мост за иднината, за пријателство меѓу двата народи и како мост за европскиот пат на државата“, кажа Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање при почетокот на градежните работи за реконструкција на салата „Партизан“ во скопски Карпош.

    Ковачевски кажа дека Северна Македонија има јасно дефиниран државен статус и сите граѓани во неа имаат свој јасно дефиниран идентитет кој е определен со јазикот на граѓаните кои живеат во неа и дека тоа е дел од достоинството на секој еден граѓанин во светот вклучително и на нашите македонски граѓани.

    „Ние со соседните држави треба да градиме мостови на пријателство, да гледаме кон иднината, а доколку се навратиме на личности од минатото за кои има различно мислење тоа нема да биде во корист на никого и ќе влијае на влошување на односите меѓу граѓаните на двете држави“, рече премиерот Ковачевски.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира