ОТВОРЕНА КУЌА ЗА РОДИТЕЛИ ШТО НЕ СЕ ОД СКОПЈЕ, А ЧИИ ДЕЦА СЕ ЛЕКУВААТ ОД МАЛИГНИ ЗАБОЛУВАЊА НА ДЕТСКА КЛИНИКА

    ОТВОРЕНА КУЌА ЗА РОДИТЕЛИ ШТО НЕ СЕ ОД СКОПЈЕ, А ЧИИ ДЕЦА СЕ ЛЕКУВААТ ОД МАЛИГНИ ЗАБОЛУВАЊА НА ДЕТСКА КЛИНИКАРодителите чии деца се лекуваат од малигни заболувања на Клиниката за детски болести и не се од Скопје за да добијат сместување ќе треба да донесат потврда од клиниката (Фото: СДК:МК)

    Куќа за родители што не се од Скопје, а чии деца се лекуваат на хемато-онколошкото одделение на Клиниката за детски болести, беше отворена денеска во кругот на Клинички центар. Во родителската куќа неа има четири двокреветни апартмани, секој со посебен тоалет, и заеднички простории. Во неа ќе може да се сместат родителите на децата кои се лекуваат на клиника, а кои немаат можност да се сместат во хотел или на друго место.

    „Ова беше стара руинирана барака на Министерството за здравство, која здружението САНО со помош на донации ја реновираше и во која ќе може да се сместат родителите на децата кои се лекуваат на Клиниката за детски болести, а кои немаат можност каде да се сместат. Со ова сакаме да им излеземе во пресрет на овие родители во за нив најтешките моменти. За да може да добијат сместување ќе треба да донесат потврда од хемато-онколошкото одделение на Клиниката за детски болести“, рече министерот за здравство Венко Филипче.

    Тој кажа дека родителите ќе може да престојуваат во оваа куќа додека нивните деца се лекуваат на Клиника.

    „Некогаш овие терапии се доготрајни, траат и по еден месец, а сега родителите заедно со нивните деца лежат на Клиниката. Во процесот на лекување треба да има и соодветни услови за да се избегнат дополнителни инфекции“, рече Филипче.

    За непречено функционирање на куќата, ќе се грижи Здружението САНО, а Министерството за здравство ја презема обврската околу комуналиите.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари