Шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција Вилма Русковска денеска поднесе жалба до Советот на јавни обвинители против одлуката на Јавниот обвинител Љубомир Јовески да ја суспендира додека трае постапката за кривичната пријава поднесена против неа од страна на директорот на Финансиска полиција Арафат Муареми.
Одговарајќи на новинарско прашање, таа кажа дека нејзината суспензија значи суспензија на правото и правдата и предвидува дека ова што ѝ се случува нејзе ќе влијае на работата на нејзините колеги обвинители.
„Ова не го сметам за суспензија на Вилма Русковска, ова го сметам за суспензија на правото и суспендирање на правдата. Без разлика што имаше соопштение дека предметите ќе продолжат со несмален интензитет, после ова мене што ми се случи, не верувам дека кој било колега сериозно ќе продолжи да постапува по истите“, изјави Русковска.
Таа треба да ги предаде нејзините предмети на нејзината заменичка Ивана Трајчева, но и против неа Јовески поведе дисциплинска постапка во врска со претресот во Финансиска полиција.
„Во решението е наведено дека предметите треба да ги предадам на колегата кој е одреден за мој прв заменик. Истата се наоѓа на годишен одмор, така да и предметите не можев да ги распределам. Она не може да ги работи затоа што и против неа е поведена дисциплинска постапка“, кажа Русковска за нејзините предмети.
Понатаму, таа уште еднаш повтори дека единствено судот одредува дали некој претрес е законит или не.
„Дали е законит или не претресот исклучиво одредува судот. Ние како обвинители сме странка во постапката и не можеме да кажуваме дали претресот е законит или не е. Ако кој било смета дека со претресот му е повредено некое право или претресот е погрешно извршен има право да вложи жалба до судот“, вели Русковска.
- ЈОВЕСКИ ЈА СУСПЕНДИРАШЕ РУСКОВСКА ПОРАДИ ПРЕТРЕСОТ ВО ФИНАНСИСКА ПОЛИЦИЈА
- ФИНАНСИСКАТА ПОЛИЦИЈА СО КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ ЗА РУСКОВСКА И ОБВИНИТЕЛКИТЕ, ДИРЕКТОРОТ МУАРЕМИ НЕ ОТКРИВА ЗА КОЕ ДЕЛО
- ЈОВЕСКИ НЕ Е СУД ДА КАЖУВА ДАЛИ ПРЕТРЕСОТ КАЈ АРАФАТ БИЛ ЗАКОНСКИ, А ТОЈ ПАК ПОДНЕСУВА САМО ПРЕТСТАВКИ, А НЕ ЖАЛБА ДО СУДОТ, ВОЗВРАТИ РУСКОВСКА
- НЕ Е ЗАКОНСКИ ПРЕТРЕСОТ ВО ФИНАНСИСКА ПОЛИЦИЈА, УТВРДИ ДРЖАВНИОТ ОБВИНИТЕЛ ЉУБОМИР ЈОВЕСКИ
- ОБВИНИТЕЛ И ИСТРАЖИТЕЛИ ЗА ОРГАНИЗИРАН КРИМИНАЛ ВРШАТ ПРЕТРЕС КАЈ ДИРЕКТОРОТ НА ФИНАНСОВА ПОЛИЦИЈА АРАФАТ МУАРЕМИ
На 16 август, Јовески ја суспендираше Русковска додека трае кривичната постапка поведена по поднесена кривична пријава против неа од страна на Муареми.
Русковска, со обезбедена судска наредба, изврши претрес во Финансиска полиција на 18 јули по анонимни пријави од граѓани, а на 8 август Муареми во врска со претресот поднесе кривични пријави против Русковска и двете обвинителки од нејзиното обвинителство, Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска, кои го спроведоа претресот.
Како што тогаш соопшти Јавното обвинителство, Јовески поднел предлог за поведување дисциплинска постапка за утврдување одговорност на трите обвинителки, за кои од Јавното обвинителство велат дека постои сомнение дека намерно и неоправдано направиле крупна професионална грешка со што сториле тешка дисциплинска повреда од член 91 алинеа 6 од Законот за јавното обвинителство.