Претседателот на Собранието Талат Џафери кажа дека актуелното парламентарно мнозинство е способно да направи значајни чекори напред на внатрешен и на меѓународен план во денешното обраќање по повод 8 Септември, Денот на независноста. Тој ја повика и опозицијата да даде придонес во овие процеси, со аргументирана критика и конструктивни предлози.
„Ова парламентарно мнозинство има храброст, има волја, а има и знаење и капацитет да направи значајни чекори напред, како на внатрешен, така и на надворешен план, во остварувањето на нашите стратешки цели дефинирани како што реков, пред дваесет и шест години. Секако дека во овие процеси очекувам свој придонес да даде и опозицијата, со аргументирана критика меѓутоа и со конструктивни предлози. А мнозинството е должно да создаде услови за опозицијата да може сето ова да го артикулира преку институциите на транспарентен начин пред јавноста. Се надевам дека сите ние кои сме во политиката, благодарение на довербата на граѓаните, ги научивме основните постулати на парламентарната демократија“, изјави Џафери на приемот во Собранието.
Собранискиот спикер, исто така, им се заблагодари на пратениците од првиот состав на Собранието.
„Сакам да ја изразам мојата благодарност, а верувам дека таа благодарност ја споделува и целокупната јавност во Република Македонија, до пратениците од првиот парламентарен состав на Собранието на Република Македонија. Тие ја спроведоа волјата на граѓаните изразена на референдумот што се одржа на 8 септември, 1991 година. Референдум со кој Македонците, Албанците, Ромите, Турците, Србите, Власите, Бошњаците и другите се определија за самостојна и независна држава Република Македонија“, кажа Џафери.