ПАЛЕВСКИ Е УАПСЕН КАКО СЕ ДВИЖИ ПЕШКИ ПО АВТОПАТ ВО БАЛИКЕСИР, БИЛ САМ И НЕ ПРУЖАЛ ОТПОР

    ПАЛЕВСКИ Е УАПСЕН КАКО СЕ ДВИЖИ ПЕШКИ ПО АВТОПАТ ВО БАЛИКЕСИР, БИЛ САМ И НЕ ПРУЖАЛ ОТПОРСпасовски на прес-конференција покажа фотографии што ги добил од турската полиција по апсењето на Палевски. (Фото: Принтскрин од видео на Јутјуб)

    Љупчо Палевски – Палчо, првоосомничен за грабнувањето и убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска, е уапсен од турската полиција како се движи пешки по автопат во Баликесир. При апсењето бил сам и не пружал отпор, кажа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на прес-конференција.

    Во Турција стигнал преку Бугарија, од Србија, каде што првично избегал на 30 ноември. До Белград го однел неговиот адвокат со возило „шкода суперб“, а оттаму до Турција го однело друго лице, со возило „ренџ ровер“.

    „Во Србија заминува со неговиот адвокат од Скопје со автомобил ‘шкода суперб’ и e оставен во хотел. Оттаму наредниот ден го презема друго лице од Скопје и со џип марка ‘ренџ ровер“ и преку граничниот премин Градина влегува во Бугарија. Има транспорт низ територијата на Бугарија и влегува во Турција. Во Турција оди во градот Баликесир и нашите служби стапуваат во контакт, не само со полицијата, туку и со нивен оперативен извор, кој за многу кратко време ни врати информација дека тој се наоѓа во Беликесир и ни кажа за неговите намери, дека оттука има намера да замине за Истанбул. Односно, симулира дека оди за Истанбул со такси, но пак се враќа во градот и потоа од колегите од Турција е уапсен, како се движи пешки по еден од автопатите во Беликесир“, изјави Спасовски.

    За Палевски, Спасовски кажа дека е креатор, планер, главeн координатор и директен извршител на грабнувањето и убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска.

    Зборувајќи на вонредна прес-конференција, Спасовски рече е изготвена на 100 страници кривичната пријава против пет лица за грабнувањето и убиството на Ѓорчевска и 74-годишниот Павле Жежовски, додавајќи дека тука завршува работата на полицијата и случајот понатаму е во рацете на обвинителството.

    Вечерва, на нов распит во Основниот кривичен суд се спроведени останатите четворица осомничени за случајот, вклучувајќи го и таткото на Ѓорчевска. За нив обвинителството повторно бара притвор, откако првично им беше одреден 48-часовен притвор.

    На Палевски, во отсуство му беше одреден 30-дневен притвор. По него беше распишана меѓународна потерница.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира