ПАНЧЕВСКИ БАРА ОБВИНИТЕЛ ДА ЈА СОСЛУША И КАТИЦА ЈАНЕВА, НО И ТОЈ ДА ПРИСУСТВУВА

    ПАНЧЕВСКИ БАРА ОБВИНИТЕЛ ДА ЈА СОСЛУША И КАТИЦА ЈАНЕВА, НО И ТОЈ ДА ПРИСУСТВУВАВладимир Панчевски два часа даваше изјава по кривичната пријава што тој ја поднесе против специјалната обвинителка Катица Јанева (Фото: СДК)

    Експретседателот на Основниот суд Скопје 1, Владимир Панчевски, денеска во Скопското обвинителство два часа даваше изјава по кривичната пријава, што тој ја поднесе против специјалната обвинителка Катица Јанева, во врска со претресот што Специјалното јавно обвинителство го изврши во неговиот дом летоска.

    Тој ги обвинува Јанева, обвинителката Ленче Ристоска и неколкумина истражители дека извршиле нелегален претрес во неговиот дом, што тој го сними со домашна видеокамера. Снимките од претресот Панчевски веднаш ги објави.

    Според неговата изјава, почната е предистражна постапка и рече дека на Обвинителството му ги дал сите докази дека претресот бил во целост незаконски, почнувајќи од тоа дека наредбата била издадена од судијката Злата Попова од гевгелискиот суд, каде што Јанева ја почнала кариерата како стручен соработник, а потоа и обвинител.

    Тој не сакаше да зборува многу за предистражната постапка, која е тајна, но нагласи дека Попова била граѓански судија.

    Панчевски побарал од Обвинителството на сослушување да бидат викнати и Јанева и нејзините соработници кои го вршеле претресот кај него дома и притоа и тој да биде присутен.

    Јанева по неколкудневен претрес на персоналниот компјутер на Панчевски, каде што истражуваше негови злоупотреби во АКМИС системот, влезе и во неговиот дом, каде што, исто така, изврши контрола во личниот компјутер на осомничениот Панчевски. Во јавноста рече дека СЈО се сомнева во големи злоупотреби со рачно делење на судски предмети и за постоење на паралелен АКМИС систем во овој најголем суд.

    Последно што го кажа Јанева за оваа предистражна постапка е дека одземените докази од компјутерите во Кривичниот суд и во домот на Панчевски ги вештачи МВР.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира