ПАПАТА ЗАМИНА ОД СКОПЈЕ ПО 10 ЧАСА ЛИТУРГИИ И СРЕДБИ СО ВЕРНИЦИ

    ПАПАТА ЗАМИНА ОД СКОПЈЕ ПО 10 ЧАСА ЛИТУРГИИ И СРЕДБИ СО ВЕРНИЦИПо 10 часа од историската прва посета на папа во Македонија, папата Фрањо замина од аеродромот во Скопје (Фото: ПУЛ)

    Папата Фрањо вечерва ја заврши историската прва посета на Македонија, заминувајќи од Меѓународниот аеродром Скопје испратен од претседателот во заминување Ѓорге Иванов и премиерот Зоран Заев со највисоки државни и почести. Во текот на 10-часовниот престој во Скопје, што се совпаѓа со 25-годишнината од воспоставување на дипломатските односи меѓу Република Македонија, односно Република Северна Македонија и Ватикан, папата, кој е лидер на 1,2 милијарди католици во светот, прво се сретна со државниот врв во претседателската палата.

    Премиерот Зоран Заев и претседателот во заминување Ѓорге Иванов, испраќајќи го папата Фрањо му мавтаа додека авионот полетуваше (Фото: ПУЛ)

    По средбата со Иванов, Заев и новот претседател Стево Пендаровски, папата Фрањо, во поздравниот говор рече дека Македонија е мост меѓу Истокот и Западот, дека верскиот и етнички соживотот и толеранцијата кои опстојуваат со векови во земјата е за пример, и дека тоа треба да придонесе за што поскора европска интерграција. Го истакна и придонесот на Македонија за помош на бегалците од Блиски Исток кои бегаа од војна во 2015 и 2016.

    Тој потоа ја посети Спомен-куќата на Мајка Тереза каде се сретна со највисоките претставници на Македонската православна црква, на Исламската верска заедница и останатите верски заедници и религиозните лидери, роднини на Мајка Тереза и граѓани од ранливи категории. Возејќи се во папамобилот низ улица Македонија и поздравувајќи се со верниците, тој стигна на Плоштадот Македонија каде одржа литургија пред неколку илјади верници од земјава и странство и  упати пораки за мир, соживот, за поголема љубов кон Бога и кон луѓето.

    „Рамнодушноста и клеветите да се заменат со чувствителност и надеж, да се надминат стереотипите и повеќе да се грижиме еден за друг. Гладни сме за добрина и солидарност. Навикнати сме да го јадеме тврдиот леб на дезинформацијата“, рече папата на литургијата на Плоштад Македонија, облечен во мисница специјално изработена за оваа пригода во боите на македонското знаме.

    На крајот од посетата, во Католичката црква „Срце Исусово“ во Скопје тој ислуша сведочења на неколку млади верници од православна, муслиманска и католичка вероисповед, а потоа одговараше на прашања на младите за животните соништа, советувајќи да ги следат своите стремежи и соништа, да комуницираат меѓусебе и да се грижат за постарите.

    „Сонувајте на големо. Не дозволувајте да бидете поделени. Сонувајте заедно со другите, никогаш против другите“, им рече папата Фрањо, а потоа одржа и миса со свештениците, нивните семејства и монасите.

    ЕКИПА НА СДК.МК

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира