ПАРТИИТЕ ЈА ПОСТИГНАА ЦЕЛТА, УСТАВНИТЕ СУДИИ ДЕНЕСКА САМО ЗАСЕДАВАЛЕ, СЕ ВИДЕЛЕ И НИШТО НЕ ИЗГЛАСАЛЕ, ЗАШТО СЕ ОСТАНАТИ ПЕТ ОД ДЕВЕТ

    ПАРТИИТЕ ЈА ПОСТИГНАА ЦЕЛТА, УСТАВНИТЕ СУДИИ ДЕНЕСКА САМО ЗАСЕДАВАЛЕ, СЕ ВИДЕЛЕ И НИШТО НЕ ИЗГЛАСАЛЕ, ЗАШТО СЕ ОСТАНАТИ ПЕТ ОД ДЕВЕТПретседателката на Уставен суд Добрила Кацарска (Фото: СДК.МК)

    Уставниот суд денеска ја одржа дванаесеттата седница за 2022, на која присуствуваа сите вкупно пет судии. Собранието нејќе да избере уште четворица и да го комплетира највисокиот суд во државата. Судот е онеспособен, што најверојатно беше целта на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, Левица, Алијанса и Алтернатива. Срамот е нивни, ќе влезат во историјата, ако не и во учебниците.

    „На дневен ред беа ставени три иницијативи и едно барање за заштита на слободите и правата на граѓанин, но за ниту една од точките не се донесе одлука/решение, поради недоволното мнозинство на гласови. Ова е прва седница на Судот на која не се донесе ниту една одлука или решение од точките предвидени на дневен ред“, соопшти Уставниот суд.

    Уставниот суд повторно алармира за сериозноста на ситуацијата, затоа што веќе неколку месеци е доведено во прашање носењето на одлуки поради некомплетниот состав.

    „Се работи на граница на кворум за одржување седници. Информираме дека повеќе од 30 предмети за кои не е добиено мнозинство во изминатиот период чекаат комплетен состав на уставни судии. Состојбата загрижува со оглед дека остануваат голем број на предмети поради недобиено мнозинство, а постои опасност иницијативите кои во меѓувреме пристигнуваат да треба да чекаат повеќе од предвидениот период за ефикасно решавање кое Судот го предвиде во годишната програма“, опишува Уставниот суд што се случува со предметите.

    „Ве известуваме дека предметите кои денеска беа ставени на дневен ред (У.бр.144/2021, У.бр.59/2020, У.бр.8/2022 и 52/2020) ќе бидат повторно ставени на гласање на некоја од наредните седници кога Уставниот суд ќе има комплетен состав“, вели највисокиот суд.

    Цела година, ВМРО-ДПМНЕ од непознати причини и за сеир го блокира изборот на четворица уставни судии. А СДСМ и ДУИ кои се владејачки партии, освен едно до две имиња на познати и докажани правници, досега не исфрлија предлози зад кои би застанал целиот Парламент, исчистени од партиски опашки.

    Предлози за уставни судии може да дава и опозицијата, но токму ВМРО-ДПМНЕ не дозволуваше да се одржи Комисијата за избори и именувања. Дека Уставниот суд не функционира долго време, не се потресува многу ни претседателот на Собранието Талат Џафери.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира