ПАТНИКОТ ОД ДУБАИ ИМА ГРИП, НЕ КОРОНАВИРУС

    ПАТНИКОТ ОД ДУБАИ ИМА ГРИП, НЕ КОРОНАВИРУСМедицински лица работат со термалната камера за скенирање на сите патници на аеродромот во Скопје. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Пациентот кој во земјава допатувал од Дубаи нема коронавирус, соопшти министерот за здравство Венко Филипче, откако утрово кажа дека тој се тестира за коронавирус на Инфективната клиника во Скопје.

    „Вториот случај кој го тестиравме на коронавирус е негативен. Станува збор за патникот кој е дојден од Дубаи по шестдневен престој таму. Станува збор за инфлуенца тип Б“, изјави Филипче.

    Лицето допатувало пред неколку дена од Дубаи по шестдневен престој таму. Синоќа на Инфективната клиника беше примен италијански државјанин кој се пожалил на стомачни проблеми, но тестовите за коронавирус беа негативни.

    „Апелирам до пациентите кои доаѓаат од критичните места точно да одговараат на прашањата на граничните полицајци и на вработените во царина. Да не кријат информации. Да се придржуваат до упатставата кои ги добиваат во информативните материјали на аеродромите и на граничните премини, и доколку се сомневаат на симптоми, да не одат по клиниките, туку да се јават на еден од десетината телефони во Центарот за јавно здравје и во Институтот за јавно здравје “, рече Филипче.

    Владата им наложи на сите основни и средни училишта, како и сите универзитети да ги одложат сите предвидени патувања и екскурзии во Италија, врз основа на препораките на Кризниот штаб за справување со коронавирусот на Министерството за здравство, и на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи. Владата им препорачува на граѓаните да не патуваат во Италија и во другите земји каде што е регистрирано поголемо присуство на корона вирусот.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира