БОЛНИ ГО ГУБАТ ТЕРМИНОТ ЗА ПРЕГЛЕД ДОДЕКА БАРААТ ПАРКИНГ НА КЛИНИЧКИ, ФИЛИПЧЕ ВЕЛИ КАТНАТА ГАРАЖА ЌЕ БИДЕ ГОТОВА ДО ПРОЛЕТ

    БОЛНИ ГО ГУБАТ ТЕРМИНОТ ЗА ПРЕГЛЕД ДОДЕКА БАРААТ ПАРКИНГ НА КЛИНИЧКИ, ФИЛИПЧЕ ВЕЛИ КАТНАТА ГАРАЖА ЌЕ БИДЕ ГОТОВА ДО ПРОЛЕТЕдната лента од влезот на Клинички е блокирана со паркирани возила,па колите заедно со возилата на Брза помош се буткаат на една лента. Новата катна гаража треба да се гради на местото на старата зграда на Гинекологија, која беше урната пред две години. (Фото СДК.МК)

    Автомобили паркирани на тротоарите и пристапните патеки, преполни паркинзи, и возила кои не можат да се разминат е дел од секојдневната слика во Клиничкиот центар во Скопје. Влезот во самиот Клинички е буквално блокиран, оти едната лента се користи место паркинг, и по иста лента се движат и автомобилите на пациентите и амбулантните возила, кои носат итни случаи.

    Пациентите реагираат дека некогаш и по цел час кружат додека да најдат слободно место за паркирање и дека некојпат поради тоа доцнат и на закажаниот термин. Други пак велат дека кога носат некој тешко болен од семејството се принудени да влезат во кругот на клинички и дека да го остават сами болниот, а тие да бараат паркинг место надвор.

    „Утрово го носев дедо ми на клиника, бидејќи е тешко подвижен. Го оставив во чекалната, а јас морав да одам да го препаркирам возилото. Кружев половина час, а потоа барав место надвор од клинички. Во вакви случаи со еден болен треба да има двајца, едниот да бара паркинг, а другиот да го придружува болниот. Воопшто не би влегувал внатре, но човекот не може да се движи“, вели скопјанец.

    Сообраќајниот метеж и проблемот со паркирањето според министерот за здравство Венко Филипче треба да се реши до пролет следната година, кога очекува да биде завршена изградбата на монтажната катна гаража, за која минатиот месец Министерството распиша оглас за избор на проектант. Катната гаража според најавите ќе се гради на местото на старата зграда на Клиниката за гинекологија, која минатата влада ја урна бидејќи таму беше планирано да се гради новиот клинички центар.

    „Проблемот со паркирањето е голем и се провлекува со години. Се должи на тоа што е издаден огромен број картички само за вработените, со кои се надминува капацитетот на паркингот и дополнително со луѓето кои влегуваат и имаат потреба од здравствени услуги како пациенти“, рече Филипче.

    Тој кажа дека заедно со Град Скопје и ЈП „Градски паркинг“ разгледувале неколку сообраќајни решенија за да се реши сообраќајниот хаос, но дошле до заклучок дека што и да направат состојбата може само да се влоши, поради што и решиле да градат монтажна катна гаража.

    „Пред неколку месеци ја почнавме постапката за изградба на гаражата. Тоа ни одзеде време, бидејќи таму беше планиран друг објект и моравме да ги менуваме геодетските подлоги. Гаражата сакаме да биде монтажна, а според експертите таа ќе биде на седум ката и ќе биде доволна да се реши сообраќајниот метеж не само внатре туку и на улицата Водњанска. Ако оди со сегашната динамика градбата може да почне до крајот на годината, а се надевам некаде на пролет ова прашање да биде решено“, рече Филипче.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари