ПЕНДАРОВСКИ МУ СЕ ЗАБЛАГОДАРИ НА МИЦОТАКИС ЗА ПОДДРШКАТА НА ГРЦИЈА ЗА МАКЕДОНСКИТЕ ЕВРОИНТЕГРАЦИИ НА ПРВАТА ОФИЦИЈАЛНА ПРЕТСЕДАТЕЛСКА ПОСЕТА ОД ОСАМОСТОЈУВАЊЕТО

    ПЕНДАРОВСКИ МУ СЕ ЗАБЛАГОДАРИ НА МИЦОТАКИС ЗА ПОДДРШКАТА НА ГРЦИЈА ЗА МАКЕДОНСКИТЕ ЕВРОИНТЕГРАЦИИ НА ПРВАТА ОФИЦИЈАЛНА ПРЕТСЕДАТЕЛСКА ПОСЕТА ОД ОСАМОСТОЈУВАЊЕТООфицијалната посета на Атина на највисоко ниво означува важен момент во развојот на односите меѓу двете држави, според соопштението од Кабинетот на претседателот. (Фото: Претседателски кабинет)

    Претседателот Стево Пендаровски му се заблагодари на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за силната поддршка што Грција ја дава за аспирациите за членство на Република Северна Македонија во Европската Унија, оценувајќи дека деблокадата на процесот ќе придонесе за стабилноста и напредокот на целиот регион, за време на првата официјална посета на македонски претседател на Атина.

    На средбата, Пендаровски и Мицотакис размениле мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Северна Македонија и Хеленската Република, при што било оценето дека официјалната посета на највисоко ниво означува важен момент во развојот на односите меѓу двете држави, според соопштението од Кабинетот на претседателот

    „Претседателот Пендаровски оцени дека постои видно подобрување на билатералните односи меѓу двете држави по потпишувањето на Преспанскиот договор, со потенцијал за натамошно зајакнување на соработката во секое поле од взаемен интерес. На средбата претседателот Пендаровски истакна дека треба да се искористи целиот потенцијал и двете држави да градат вистинско стратешко парtнерство“, велат од Претседателскиот кабинет.

    Пендаровски се сретна и со грчката претседателка Катерина Сакеларопулу, по што се одржа и пленарен состанок на делегациите на двете држави.

    И на оваа средба, претседателот Пендаровски изрази благодарност за поддршката од Грција, која станува еден од најгласните поддржувачи на нашата интеграција во Европската Унија и изрази очекувања дека поддршката ќе се интензивира во наредниот период.

    Претседателот Пендаровски рекол дека оваа посета има историска димензија и е значајна, како прва средба на највисоко политичко ниво меѓу две соседни држави после триесет години.

    „Ние и претходно имавме одлична соработка, но од 2018 година наваму ја поставивме таа политичка и правна рамка наречена Преспански договор, која ни овозможи уште подобро да соработуваме. Сакам да ви кажам еден правен принцип кој вие добро го познавате и до кој ние имаме намера да се држиме во однос на Преспанскиот договор. Тоа е „pacta sunt servanda“, или договорите треба да се чуваат и да се почитуваат”, рече претседателот Пендаровски.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира