ПЕТ ТИМА МЛАДИ ИНОВАТОРИ НАГРАДЕНИ ОД УНИЦЕФ И ФОНДОТ ЗА ТЕХНОЛОШКИ РАЗВОЈ

    ПЕТ ТИМА МЛАДИ ИНОВАТОРИ НАГРАДЕНИ ОД УНИЦЕФ И ФОНДОТ ЗА ТЕХНОЛОШКИ РАЗВОЈНаградените добија 120.000 денари за реализација на нивните идеи преку АПШИФТ програмата, која за прв пат се реализира во Македонија, а ја реализираат Министерството за образование, УНИЦЕФ, и Фондот за технолошки развој (Фото: УНИЦЕФ)

    Иновативни начини на комбинирање велосипедизам со полнење на мобилни телефони, рециклирање и намалување на употребата на пластични шишиња, воведување здрава храна во училиштата и развој на инклузивен центар за млади со попреченост се наградените идеи на млади на возраст од 13 до 19 години на работилницата за креативно размислување поддржана од Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието, Фондот за иновации и технолошки развој и УНИЦЕФ.

    „Нашата идеја се базира на две придобивки: еколошка и финансиска. Пресметавме дека учениците во нашето училиште фрлаат околу 4.000 пластични шишиња неделно и дека ако ги замениме со термоси, можеме заедно да заштедиме 80.000 денари неделно. Веќе користиме разни стратегии за промовирање на новиот тренд меѓу нашите врсници, на пример изложуваме интересно дизајнирани термоси и изработуваме видео, така што повеќето ученици веќе го следат примерот“, велат Теодор, Филип и Дамјан од основното училиште „Владо Тасевски“, членови на победничкиот тим.

    Пет тима од млади иноватори добија 120.000 денари за реализација на нивните иновативни решенија, а работилницата е дел од програмата АПШИФТ која се заснова врз методологијата „дизајн во чиј центар е човекот“. Од УНИЦЕФ велат дека оваа методологија може да се користи и во наставата и им помага на наставниците и учениците да научат како да поттикнаткреативност и претприемништво со помош на докажани техники и надвор од работилницата.

    „Преку вашето учество во оваа работилница вие не само што ќе научите туку и ќе бидете во можност да направите вистинска промена во вашите училишта и во заедниците во кои живеете и ќе станете пример за другите ученици како да се биде иновативен за доброто на сите“, рече заменик-претставничката на УНИЦЕФ Елспет Ериксон.

    На повикот за самоформирање групи од млади на возраст од 13 до 19 години пристигнале 100 апликации, а претставниците од приватниот и јавниот сектор ги избрале најдобрите десет идеи.

    „Тимовите се собраа на дводневна работилница за креативно размислување со цел да ги развијат своите идеи под насока на ментори. На работилницата, младите добија помош околу совладување клучни вештини како што се критичко размислување, комуникација, тимска работа, претприемништво и управување со проекти. Тие добија насоки како да ги користат овие вештини за откривање и анализа на реални предизвици и проблеми со кои се соочуваат нивните заедници, и да понудат претприемачки решенија и бизнис-идеи за нивно решавање“, велат од УНИЦЕФ.

    УНИЦЕФ и Фондот за иновации и технолошки развој ќе поддржат имплементацијата на уште два циклуси АПШИФТ до јуни 2019, а следниот локален повик треба да се објави во текот на овој месец.

    „Долгорочна цел е да се обезбеди поддршка за Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието да ја воведе методологијата АПШИФТ во редовниот образовен систем и да ги подготви наставниците во наставата да користат докажани, практични техники за да помогнат секој ученик да се стекне со трајни вештини на 21 век“, велат од УНИЦЕФ.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари