ПЕТ ЖРТВИ, ПОЖАРНИКАРИТЕ СО БАГЕРИ ГО КРЕНАЛЕ ПРЕВРТЕНИОТ АВТОБУС, ПА ВЛЕГЛЕ ДА ГИ ВАДАТ ПОВРЕДЕНИТЕ

    ПЕТ ЖРТВИ, ПОЖАРНИКАРИТЕ СО БАГЕРИ ГО КРЕНАЛЕ ПРЕВРТЕНИОТ АВТОБУС, ПА ВЛЕГЛЕ ДА ГИ ВАДАТ ПОВРЕДЕНИТЕ„Извадивме 18-19 повредени, најпрво бремена жена, потоа останатите кои даваа знаци на живот. Моравме со багери на жителите да интервенираме оти автобусот беше многу уништен. Интервениравме со 4 противпожарни возила и 10 пожарникари“, вели командантот на Пожарна Владимир Симоновски (Фото: СДК.МК)

    Пет патници загинаа во автобуската несреќа на излез од Скопје кон Тетово, а еден е во тешка состојба кога патнички автобус на компанијата „Дурмо турс“ со 50-тина патници попладнево околу 17 часот излетал и се превртел од кај село Ласкарци. Извлекувањето на настраданите заврши.

    Скопските пожарникари влегувале внатре во автобусот за да ги вадат повредените патници. Како што вели за САКАМДАКАЖАМ.МК командантот Владимир Симоновски, најпрво автобусот бил подигнат со багери а потоа со специјалната опрема се направил отвор и низ него влегувале пожарникарите.

    „Извадивме 18-19 повредени, најпрво бремена жена, потоа останатите кои даваа знаци на живот. Моравме со багери на жителите да интервенираме оти автобусот беше многу уништен. Интервениравме со 4 противпожарни возила и 10 пожарникари. Се движел по автопатот Скопје-Тетово и потоа пресекол три ленти и излетал преку стариот пат во провалија“, вели командантот на Пожарна Владимир Симоновски.

    Меѓу патниците кои биле изнесени од автобусот бил и возачот, кој како што вели Симоновски бил контактибилен.

    Во Градската општа болница „8 Септември“ се донесени 35 повредени. Двајца биле донесени мртви, а тројца со неуротрауми при реанимација починале. Еден е во тешка состојба на машина за дишење, другите се со скршеници и една со повредна на ‘рбетниот столб.

    „Отворени се 4 сали викнати се сите лекари од сите специјалности, а повредените се сместени во новиот Траума центар”, вели д-р Кристијан Костов директорот на „8 Септември“.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира