Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски кажа дека се подготвува да победи на избори и да ја врати партијата на власт, а не да бега. на денешната јавна седница на Апелациониот суд, на која што тој си го бара пасошот назад, а СЈО бара притвор за него. Груевски е обвинет за злосторничко здружување, злоупотреба на средства за изборна кампања и за повреда на избирачко право во случајот „Титаник“.
СЈО бараше притвор за Груевски, кој е првообвинет во „Титаник“, но кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 му одреди само мерка одземање на пасошот на РМ и дипломатската патна исправа и задолжително јавување во судот секој петок најдоцна до 12 часот.
„Да сум сакал да бегам, сум имал прилика, ќе сум избегал до сега. СЈО нема докази против мене, зашто не постојат. На секоја покана на СЈО во иднина ќе се јавувам со задоволство, зашто сакам што побрзо да заврши оваа постапка. Јас се подготвувам да победам на избори и да ја вратам партијата на власт, а не да бегам. Каде би бегал во овој глобализиран свет со познат идентитет?” , рече Груевски.
Тој си го бара пасошот назад, зашто бил пратеник, лидер на опозицијата и оти од суштествено значење се за политичкиот живот патувањата и контактите во странство како опозиционен лидер.
Неговите адвокати негираа дека Груевски го одбегнува појавувањето во СЈО, тврдеа дека за секое патување надвор од државава, тој го известувал обвинителството. Во однос на банкарската и имотната состојба на Груевски, поради што СЈО смета дека има опасност да избега, одбраната праша: „Ова значи дека на лицата со лоша материјална состојба, не треба да им се дава притвор?”
СЈО во барањето за притвор наведе дека обвинетиот Никола Груевски поседува на банкарските сметки 10 милиони денари, 46.000 евра и 7.000 швајцарски франци и закупени сефови, па оттаму може и со лична карта да ја напушти Македонија и да избега.
„За СЈО Груевски беше недостапен, освен еднаш кога ја прими лично поканата. Не успеа ни ова обвинителство, ни поштата македонска, ни ‘Де-Ха-Ел’. Сите покани завршуваа кај обезбедувањето на Груевски, што значеше дека не ги примал лично поканите. Пребарував каде на друго место има вакво однесување на премиер во кривична постапка, најдов само еден пример во Израел, каде што премиерот бил и осуден за попречување на правдата”, објасни специјалниот обвинител Гаврил Бубевски зошто бара СЈО притвор за овој обвинет.
Тој изнесе и аргументи како Груевски влијаел врз сведоците и останатите обвинети да не даваат изјави во постапката.
„Титаник“ е првиот случај што го отвори Специјалното јавно обвинителство, а го објави на 12 февруари минатата година и тоа е најголемиот случај за кој што СЈО отвори истрага. Поделен е на три дела: изборните измами со фалсификуваните лични карти од МВР, изборните нерегуларности во општинската изборна комисија Чаир и на посебен дел со осомничените петмина судии од Управниот суд на РМ, кај што стигале жалбите за изборни нерегуларности.
С. К. ДЕЛЕВСКА