ПО ИЗВЕСТУВАЊЕ ОД МВР, ОБВИНИТЕЛСТВОТО ОТВОРИ ПРЕДМЕТ ЗА ИНТЕРВЈУТО НА ЈУТУБЕРОТ СТЕФАН ЛАЗАРОВ СО ДРАГАН ПАВЛОВИЌ-ЛАТАС ВО КОЕ ТОЈ ОПИШУВА КАКО СИЛУВАЛ ПРЕТЕПАНА ДЕВОЈКА

    ПО ИЗВЕСТУВАЊЕ ОД МВР, ОБВИНИТЕЛСТВОТО ОТВОРИ ПРЕДМЕТ ЗА ИНТЕРВЈУТО НА ЈУТУБЕРОТ СТЕФАН ЛАЗАРОВ СО ДРАГАН ПАВЛОВИЌ-ЛАТАС ВО КОЕ ТОЈ ОПИШУВА КАКО СИЛУВАЛ ПРЕТЕПАНА ДЕВОЈКАВо интервјуто, јутуберот Стефан Лазаров со Драган Павловиќ-Латас се смеат за насилството. (Фото: Принтскирн од Јутјуб)

    Секторот за компјутерски криминал од МВР доставил известување до Скопското обвинителство по интервјуто на јутуберот Стефан Лазаров со новинарот Драган Павловиќ-Латас емитувано на 15 февруари, во кое Павловиќ-Латас раскажува дека како 15-годишник тој и неколку другари злоставувале и силувале девојка која била претепана. Притоа, обајцата со Лазаров се смеат за насилството.

    „Има известување од МВР. Предметот е распореден кај обвинител, ќе видиме како натаму ќе се одвива случајот, одговори Јавниот обвинител Гаврил Бубевски на прашање од САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Подоцна и МВР соопшти дека денеска поднесе „Известување до надлежното Јавно обвинителство, во врска со претходно објавено интервју на С. Л. со Д. П. Л., како подкаст на јутјуб канал“.

    „Имено, Известувањето е поднесено по преземени мерки и активности од страна на Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика, заедно со целокупниот документиран материјал за понатамошно постапување“, соопшти МВР.

    Неколку часа по соопштението, интервјуото е симнато од Јутјуб.

    Јавноста остро го осуди интервјуто, емитувано на јутјуб каналот на Лазаров, како поттикнување кривично дело родово базирано насилство и го повика Обвинителството да постапи. Исто така, граѓански организации за затита на човековите права и поединци ги повикаа и видните компании кои се рекламираат во подкастот на Стефанов да ги повлечат рекламите поради содржините во кои се одобрува и се повикува на насилство.

    „Во видеото, кое веќе има над 50 илјади прегледи, за двајцата соговорници силувањето е извор на забава и смеа, со што тие директно праќаат порака кон огромната публика не само дека тоа е нешто нормално, туку и смешно. Ова интервју е само еден јавен и болен показател за тоа како во пракса изгледа нормализирање на културата на насилство и до каде може може да доведе непостапувањето на институциите и немањето јасни ставови и политики кои ги заштитуваат жртвите, наместо насилниците. Таа култура, им дава ветер во грб на насилниците, кои не само што продолжуваат да живеат нормално, туку и да бидат славени како ‘вистински мажи’ и победници. Истата таа култура ги осудува жртвите, праќајќи им јасна порака дека системите на поддршка се речиси непостоечки. На оваа култура мора да ѝ се стави крај, јасно и гласно, ако јавната осуда е единствено оружје кое го имаме на располагање, соочени со систем кој очигледно не знае и не сака да се справи со родово базираното насилство“, реагираше Хелсиншкиот комитет за човекови права.

    По повод интервјуто, Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) денеска го осудија говорот со кој се поттикнува насилство и стимулира родова дискриминација.

    „Укажуваме дека слободата на говор подразбира одговорност и постоење на висока свест за демократските начела и за слободите, правата и обврските во едно отворено општество. Кога слободата на говор се претвора или провоцира криминални дејствија или каков било тип на нарушување на граѓанските и човекови права, тогаш тоа не е слобода туку е агресија и така треба да се третира. Укажуваме дека професионалните еснафски организации никогаш нема да прифатат ваков начин на комуникација во јавниот простор. Без оглед на тоа што лицата, во конкретниов случај, ниту биле, ниту се наши членови, чувствуваме потреба да предупредиме дека ова може да остави сериозни последици на јавноста, посебно на младата публика. Говорот на омраза како и говорот што поттикнува насилство и креира предрасуди не е и не смее да биде нормален во јавната комуникација. Во вакви ситуации нужно е надлежните институции да преземат итни мерки со цел да покаже дека не се толерира неказнивност при груба злоупотреба на јавниот говор во интернет просторот“, велат нов9нарските еснафски здруженија, кои ја поздравија брзата и транспарентна реакција на МВР и Обвинителството и истакнаа дека очекувааат во најбрз рок да има судска постапка со која ќе се покаже дека ваков тип на злоупотреби подлежат на санкции.

    Од ЗНМ, СЕММ и ССНМ укажаа и дека одговорноста за тоа кој и каква содржина за публиката креира ја имаат компаниите кои преку платена реклама своите производи ги промовираат на вакви платформи.
    „Рекламерите треба да знаат дека имаат општествена одговорност и дека свесно поддржување на вакви содржини ги прави соучесници во промоција на искривени вредности во нарушувањето на граѓанските права. Затоа потребно е тие јавно да се оградат од ваквиот јавен наратив, да ја преиспитаат својата соработка и во иднина да внимаваат каде се рекламираат“, велат од здруженијата.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира