ПО НАЛОГ НА КАТИЦА ЈАНЕВА ПОТПИШАВ ДА МУ СЕ ВРАТИ ПАСОШОТ НА КАМЧЕВ, ВЕЛИ ОБВИНИТЕЛКАТА ЕЛИЗАБЕТА ЈОСИФОВСКА

    ПО НАЛОГ НА КАТИЦА ЈАНЕВА ПОТПИШАВ ДА МУ СЕ ВРАТИ ПАСОШОТ НА КАМЧЕВ, ВЕЛИ ОБВИНИТЕЛКАТА ЕЛИЗАБЕТА ЈОСИФОВСКАБарањето на осомничениот во „Империја“ Орце Камчев за напуштање на државата било за 7 мај 2019, за присуство на состанок на Управниот одбор на „Аџибадем“ во Турција. Тој навел уште една причина, за едукација во САД во ноември 2019, поради што побарал патната исправа да му биде во траење од осум месеци; - Обвинителката во СЈО Елизабета Јосифовска. (Фото: СДК.МК)

    Обвинителката Елизабета Јосифовска, чиј технички потпис стои во име на Специјалната обвинителка Катица Јанева на мислењето да му биде дадена времена патна исправа на осомничениот во „Империја“ Орце Камчев во мај 2019, за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека тоа е одлука на Јанева и ни таа, ниту другата заменичка за технички потпис Ленче Ристоска, немаат овластувања одлуките на Јанева во нејзино име да одбијат да ги потпишат.

    „За конкретниот случај, за давањето времен пасош на осомничениот во ‘Империја’ Јордан Камчев од Основниот суд Скопје 1 стигна барање за мислење до специјалната обвинителка Катица Јанева на 2 мај 2019 година. Камчев бараше да му биде издадена времена патна исправа. Јанева тогаш беше на одмор. Кај мене стигна готово мислење од Јанева, изготвено од соодветни стручни соработници. Ми беше донесено само на потпис“, тврди обвинителката Јосифовска, заменичката на Јанева за некруцијални акти на СЈО.

    Потоа Јосифовска ја побарала предметната обвинителка на „Империја“ Лиле Стефанова, кој во тој момент користела годишен одмор.

    „На колешката Стефанова и кажав дека кај мене на технички потпис е донесено мислење оти Специјалната обвинителка Катица Јанева се согласила времено да му биде издадена патна исправа на осомничениот Камчев. Стефанова ми рече: ’Јас не сум информирана за тоа’“, вели Јосифовска.

    Потоа го побарала целиот предмет и ја прашала стручната служба дали за ова е информирана Јанева.

    „Ми кажаа дека ова позитивно мислење е по налог на Катица Јанева, која му кажала на лице од кабинетот задолжено за одобрување на такви акти. Ѝ го кажав ова на обвинителката на ‘Империја’ Лиле Стефанова, со која во такви околности се согласивме дека сум должна да потпишам и според законот, не смеам да одбијам“, вели Јосифовска.

    Потоа прашала зошто предметот е итен и зошто толку се брза. Барањето на Камчев за напуштање на државата било за 7 мај 2019, за присуство на состанок на Управниот одбор на „Аџибадем“ во Турција. Тој навел уште една причина , за едукација во САД во ноември 2019, поради што побарал патната исправа да му биде во траење од осум месеци.

    „Јас потпишав мислење место Јанева само за присуство во Турција, без рок, без месеци на важност на времениот пасош. Меѓутоа, судот не постапи веднаш по тоа мислење, туку утредента на 3 мај 2019 година го вратил предметот назад во СЈО, со барање Специјалната обвинителка да се произнесе и за враќање на двата пасоша кои му се одземени : македонскиот и бугарскиот“, кажува Јосифовска.

    Вратеното барање отишло кај Јанева, која во меѓувреме се вратила од одмор. На 8 мај 2019 таа го вратила предметот за пасошите на Камчев во судот и ја потврдила својата прва одлука, технички потпишана од Јосифовска која ја заменувала за технички работи во нејзино остуство. Во одлуката навела дека останува целосно на мислењето од 2 мај, а во однос на барањето за враќање на двата пасоша, Јанева напиша дека не дава согласност за такво нешто. Каква одлука донел судот, вели Јосифовска, не ѝ е познато.

    „Ниедна круцијална и помалку битна одлука не е излезена од ова обвинителство без знаење на Катица Јанева“, тврди Јосифовска.

    „На осми мај, Јанева си го потврди всушност своето мислење од 2 мај кое јас го потпишав во нејзино име“, се оградува Јосифовска од каква било нејзина одлука околу давањето пасош на Камчев.

    Таа нагласува дека немала никакви сознанија оти можеби имало криминални дејствија околу враќањето на пасошот. Тврди дека не ѝ било ништо сомнително да ја предупреди дека можело да има во позадина нешто криминално во овој случај, кое сега впрочем се истражува во „Рекет“, за што се притворени Бојан Јовановски-Боки 13 и Зоран Милески-Кичеец.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира