ПО РЕЧИСИ 15 ГОДИНИ ОБНОВЕНА РЕДОВНАТА АВИОНСКА ЛИНИЈА АТИНА-СКОПЈЕ

    ПО РЕЧИСИ 15 ГОДИНИ ОБНОВЕНА РЕДОВНАТА АВИОНСКА ЛИНИЈА АТИНА-СКОПЈЕПатници излегуваат од авионот „даш 8-400“ на грчката компанија „Ејџиан“ на Скопскиот аеродром. Летовите Атина - Скопје ќе бидат во вторник и четврток - (Фото: Ѓ. Личовски)

    По речиси 15 години повторно е воспоставена авионската линија од Атина до Скопје. Со линијата ќе оперира „Олимпик Ер“, фирма ќерка на „Ејџиан“, која лета со помали турбо пропелерски авиони, каков што е „даш 8-400“ со 78 седишта, со кој беше изведен промотивниот  лет Атина-Скопје.

    Летови ќе има два пати неделно, во вторник и четврток.

    Меѓу патниците на првиот лет беше вицепремиерот за европски интеграции Бујар Османи кој во Атина имаше средба со Јоргос Катругалос, алтернативниот министер за надворешни работи и за европски прашања.

    Директорот за земски операции на Ејџиан ерлајнс Панос Николаидис кој допатува со промотивниот лет изјави дека е среќен оти повторно е обновена авионската линија помеѓу двата главни града. Тој рече дека последниот редовен лет од Атина за Скопје бил во 2003 година.

    „Овој лет не само што ќе биде корисен за бизнисмените и граѓаните, туку и ќе придонесе и за подлабока соработка меѓу двете земји” рече Николаидис.

    До 2007 година, авионите на „Ејџиан“ летаа во летните месеци до Ханиа на Крит, изнајмени од македонски туроператори. Грчкиот превозник престана целосно да лета за Македонија откако во 2007 Скопскиот аеродром беше преименуван во „Александар Велики“.

    Македонската влада во февруари донесе одлука да го преименува скопскиот аеродром „Александар Велики“ во Меѓународен аеродром Скопје. Тогаш беше сменето и името на автопатот „Александар Македонски“ во „Пријателство“. Грчката компанија одлучи да ја обнови линијата по потпишувањето на Преспанскиот договор.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира