ПО СТО ДЕНАРИ ЌЕ ЧИНИ ИЗРАБОТКАТА НА КАРТИЧКИТЕ ЗА ПАТАРИНА ЗА СРПСКИТЕ ТУРИСТИ, ВЕЛИ ВЛАДАТА

    ПО СТО ДЕНАРИ ЌЕ ЧИНИ ИЗРАБОТКАТА НА КАРТИЧКИТЕ ЗА ПАТАРИНА ЗА СРПСКИТЕ ТУРИСТИ, ВЕЛИ ВЛАДАТАКартичките за бесплатно минување на патарините ќе ги прави Јавното претпријатие за државни патишта. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Сто денари ќе чини изработката на една картичка за плаќање патарина за српските туристи кои летово ќе минуваат низ земјава, соопштија од Владата. Откако на вчерашната владина седница беше донесена одлука да се обезбедат 172 милиони денари (2,8 милиони евра) за набавка на 200 илјади М-Смарт картички за електронско плаќање патарина, од Владата денеска објаснија дека во овие средства е вклучена цената на патарината плус изработката на картичките.

    „760 денари чинат патарините од граничниот премин Табановце до Богородица и толку средства ќе има на секоја од картичките. Сто денари чини изработката значи 860 денари за едно возило. Јавното претпријатие за државни патишта е задолжено за изработката на картичките и повеќе информации ќе добиете таму“, рече владиниот портпарол Душко Арсовски на денешната прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање.

    Арсовски кажа дека пресметките за 200.000 возила се направени од минатите години, односно земени се бројките од 2019 година кога имало рекорден приход од наплата на патарина и најголем број странски возила кои транзитирале низ земјава.

    Владата ги ослободи од плаќање патарина од 15 јуни до 15 август српските туристи како благодарност за донираните вакцини. Србија донираше 8 илјади вакцини на „Фајзер“ во февруари, а потоа во април уште 40 илјади вакцини „спутник“. Исто така, во Србија се вакцинираа над 15 илјади македонски граѓани.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира