ПО ТРИ ГОДИНИ ОВА Е ПРВО ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА КАПИТАЦИИТЕ, ВЕЛАТ ЛЕКАРСКИТЕ ЗДРУЖЕНИЈА, РАБОТНИ ГРУПИ ЌЕ ГО АДАПТИРААТ НОВИОТ ПРИСТАП НА РАБОТА

    ПО ТРИ ГОДИНИ ОВА Е ПРВО ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА КАПИТАЦИИТЕ, ВЕЛАТ ЛЕКАРСКИТЕ ЗДРУЖЕНИЈА, РАБОТНИ ГРУПИ ЌЕ ГО АДАПТИРААТ НОВИОТ ПРИСТАП НА РАБОТАПретседателот на Здружението на гинеколози Душко Филиповски вели дека покачувањето на капитацијата од 15 отсто е очекувано, ако се следи за колку беа покачени платите на лекарите и медицинските сестри во секундарното и терциерното здравство. (Фото: СДК.МК)

    Зголемувањето на капитацијата за матичните лекари по општа медицина, гинеколозите и стоматолозите, за кое вчера Владата најави дека стартува од овој месец, заедно со нови услуги кои треба да ги добијат граѓаните во примарното здравство за превенција и рано откривање на болести, ги подели докторите околу тоа дали одвоените средства се доволни и како новиот модел на работа ќе функционира во пракса.

    Фондот за здравствено осигурување, Министерството за здравство и Владата вчера информираа дека освен зголемување на капитациите, лекарите во примарно здравство ќе треба да дадат и повеќе услуги, односно целосно водење на пациентите со хронични болести, како и да дадат услуги за превенција и рано откривање на болести, што е значајно за нивно успешно лекување. Беше најавено дека и семејните лекари поактивно ќе бидат вклучени во превенцијата и дека со тоа ќе ги мотивираат младите повеќе да специјализираат семејна медицина. Со новиот начин на работа ќе се намали и бројот на пациенти што сега се препраќаат на секундарно и терциерно ниво.

    Претседателот на Здружението на гинеколози Душко Филиповски, вели дека покачувањето на капитацијата од 15 отсто е очекувано, ако се следи за колку беа покачени платите на лекарите и медицинските сестри во секундарното и терциерното здравство. Тој вели дека допрва работни групи ќе го разработуваат новиот пристап во работењето на лекарите во примарното здравство, за да се види што од тој нов модел може да се примени.

    „Секогаш може подобро и повеќе, но секако треба да се види и со што ние како лекари може да ги подобриме услугите кон граѓаните. По три години, ова е прво покачување на капитациите и бара нов пристап во нашето работење. Претходно, институциите воведуваа промени без да бараат мислење од нас, а сега имаме пристап во кој велат ние имаме ваков предлог, бараат наше мислење и да се најде решение, и тоа секако е промена кон подобро“, вели Филиповски.

    Тој вели дека новиот пристап во работата што се бара од нив е правен според европските искуства, според словенечкиот модел, и е во интерес на рано откривање и превенција на болести кои може да се лекуваат.

    „За другите не можам да зборувам, но за матичните гинеколози можам да кажам дека уште од утре ќе почнат работните групи да го анализираат новиот модел и да го адаптираат на тоа колку може да се примени кај нас. Тоа секако постепено ќе се воведува и верувам дека до крајот на годината ќе се реализира“, вели Филиповски.

    Од Здружението на приватни лекари на Македонија велат дека зголемувањето на капитацијата е придвижување на работите напред.

    „Ова секако е за поздравување, работите се придвижуваат напред, бидејќи веќе три години не се зголемени капитациите. Но очекувавме поголемо зголемување, за да можат колегите во регионите каде немаат доволно средства да понудат повисоки плати и за медицински сестри каде недостигаат и за втор лекар во ординација. Сметаме дека соодветно треба да се вреднува нашиот интелектуален труд, а исто така да се види дали сите ќе може да ги даваат новите услуги кои се од превентивна заштита“, вели претседателката на Здружението на приватни лекари на Македонија Лилија Чолакова-Дервишова.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари