ПОБАРАН ПРИТВОР ЗА ОСОМНИЧЕНАТА СОУЧЕСНИЧКА ВО УБИСТВОТО НА ПИНО СЕКОНДО

    ПОБАРАН ПРИТВОР ЗА ОСОМНИЧЕНАТА СОУЧЕСНИЧКА ВО УБИСТВОТО НА ПИНО СЕКОНДОПинo Секондо на 11 декември 2018 година од страна на неговата мајка бил пријавен за исчезнат во полициска станица во Скопје. (Фото: Фејсбук)

    Основното јавно обвинителство Скопје побара од Кривичниот суд да ѝ се изрече мерка притвор на А.Ѓ. (22) од Ѓорче Петров, која е осомничена дека учествувала во убиството на Пино Секондо, кој се водеше како исчезнат од 11 декември.

    „Надлежниот јавен обвинител ценеше дека постојат околности што укажуваат на постоење опасност од бегство и на основан страв дека осомничената ќе ја попречува кривичната постапка со влијание на сведоци, поради што до Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје ќе достави предлог за определување на мерката притвор против осомничената“, соопшти ОЈО Скопје.

    Според ОЈО Скопје, вечерта на 11 декември минатата година, осомничената 22-годишна жителка на Скопје го повикала сега починатиот да се најдат кај насипот во Ѓорче Петров, иако знаела дека ќе им се придружи и првоосомничениот А.Ф. (27), кој е во бегство, со намера да го лиши од живот оштетениот. Кога пристигнал првоосомничениот и со пушка се заканил кон жртвата, сите тројца се упатиле со патничкото моторно возило кон скопското село Арачиново. Откако пристигнале осомничените започнале вербална расправија со жртвата, по што првоосомничениот го застрелал Пино Секондо и го убил.

    „Осомничената дала придонес кон вршење на кривичното дело со тоа што го повикала сега починатото лице, била присутна во моментот на неговото лишување од живот и учествувала во пренесување на телото на починатиот и негово криење во близина на село Љуботен“, велат од ОЈО Скопје.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира