ПОЧНА ИЗГРАДБАТА НА АВТОПАТОТ СКОПЈЕ-БЛАЦЕ ОД 10,5 КИЛОМЕТРИ, 4 ГОДИНИ ЌЕ ГО ГРАДИ „ГРАНИТ“

    ПОЧНА ИЗГРАДБАТА НА АВТОПАТОТ СКОПЈЕ-БЛАЦЕ ОД 10,5 КИЛОМЕТРИ, 4 ГОДИНИ ЌЕ ГО ГРАДИ „ГРАНИТ“За изградба на автопатот одобрен е заем од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во висина од 167,6 милиони евра, а од Европската унија (ЕУ) е добиен грант од 30,8 милиони евра.(Фото: Влада на РСМ)

    Денеска почна изградбата на автопатот Скопје-Блаце во должина од 10.5 километри. Како што кажа директорот на Јавното претпријатие Државни патишта (ЈПДП) Коце Трајановски, автопатот до граничниот премин со Косово ќе се гради 4 години, а градежните работи после долг период за еден ваков капитален проект ќе ги изведува домашна фирма, „Гранит“.

    „Автопатот ќе биде во должина од 10,5 километри, ќе има по две ленти во двата правци со ширина од 3,5 метри и лента за застанување од 2,5 метри. Станува збор за доста тежок терен на работа, ридско-планински предел, дел од масивот на Скопска Црна Гора. Со проектот се предвидуваат пет тунели во должина од 5 километри, 9 мостови во должина од 2,5 киломтри, 11 потпатници, 4 галерии за стабилизација на косини и 9 потпорни ѕидови“, рече Трајановски.

    За изградба на автопатот одобрен е заем од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во висина од 167,6 милиони евра, а од Европската унија (ЕУ) е добиен грант од 30,8 милиони евра.

    Трајановски кажа дека имотно-правните односи на оваа делница во најголем дел се расчистени, односно за два месеца целосно ќе биде чиста делницата од почеток до крај. Тој кажа дека по изградба на автопатот постојниот пат до граничниот пат Блаце ќе се користи како алтернативен пат.

    Премиерот Христијан Мицкоски кажа дека овој проект е историски, нешто што оваа Влада го имала како приоритет и сега, после две години власт, стартува неговата реализација.

    „Задоволство е што овој проект ќе го реализира македонска компанија, тоа значи дека ќе имаме додадена вредност во македонската економија, повеќе работни места за македонските граѓани, нешто што претставува еден од врвните приоритети на Владата“, рече Мицкоски.

    На почетокот на градежните работи за изградба на автопатот до граничниот премин Блаце присуствуваше косовскиот премиер Албин Курти.

    А. АНТЕВСКА

     

     

    „Овој текст е изработен со финансиска поддршка од Шведска преку проектот „Поддршка за европската интеграција на Северна Македонија“, имплементиран од Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги (УНОПС). Содржината на овој текст е единствена одговорност на дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува ставовите на Шведска и УНОПС“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира