Во август ќе почне изградбата на автопатот Скопје-Блаце во должина од 10,5 километри, и ќе биде завршен за 4 години. Денеска во Владата беше потпишан договорот за заем меѓу Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во висина од 167,6 милиони евра. За овој проект од Европската унија (ЕУ) е добиен грант од 30,8 милиони евра.
Како што кажа на потпишувањето на договорот директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски, избран е изведувачот, а тоа е конзорциум предводен од македонската градежна компанија „Гранит“. Во финална фаза е постапката за избор на надзор, по што наредниот месец би почнале градежните работи.
„Автопатот во должина од 10,5 километри, ќе има по две ленти во двата правци со ширина од 3,5 метри и лента за застанување од 2,5 метри. Теренот е ридско-планински, дел од масивот на Скопска Црна Гора и е тежок терен за изведба. Затоа со проектот се предвидуваат пет тунели во должина од 5 километри, 9 мостови во должина од 2,5 киломтри, 11 подпатници, 4 галерии за стабилизација на косини и 9 потпорни ѕидови“, рече Трајановски.
Вицепремеирот и министер за транспорт и врски Александар Николоски кажа дека, иако според договорот рокот за изведба е 4 години, од изведувачот „Грант“ добиле ветување дека градежните работи ќе завршат побрзо односно за три и пол години.
А. АНТЕВСКА
„Овој текст е изработен со финансиска поддршка од Шведска преку проектот „Поддршка за европската интеграција на Северна Македонија“, имплементиран од Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги (УНОПС). Содржината на овој текст е единствена одговорност на дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува ставовите на Шведска и УНОПС“.



