ПОД ИСТРАГА ЗА ПОМАГАЊЕ НА УБИСТВАТА НА ВАЊА И ПАНЧЕ Е ВРАБОТЕНИОТ ВО НАРОДНА БАНКА КОЈ ОД „ДЕСНА“ ГО ЗЕМАЛ ЗА ДА ГО УНИШТИ ПИШТОЛОТ СО КОЈ ПАЛЕВСКИ ГИ УБИЛ

    ПОД ИСТРАГА ЗА ПОМАГАЊЕ НА УБИСТВАТА НА ВАЊА И ПАНЧЕ Е ВРАБОТЕНИОТ ВО НАРОДНА БАНКА КОЈ ОД „ДЕСНА“ ГО ЗЕМАЛ ЗА ДА ГО УНИШТИ ПИШТОЛОТ СО КОЈ ПАЛЕВСКИ ГИ УБИЛ„Истрагата против ова лице претставува посебен предмет кој не влијае на судската постапка за двете грабнувања и убиства која е во завршна фаза и во рамките на која Јавното обвинителство го поткрепи обвинението со огромен број вербални и материјални докази за сторените дела“, вели Обвинителството. (Фото: К. Попов)

    Основното јавно обвинителство Скопје поведе истрага за Помагање на сторител по извршено кривично дело против З. Д., вработен во Народната банка, за кого вчера во завршниот збор на судењето за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски обвинетиот Велибор Манев кажа дека го зел толку бараниот пиштол со кој првообвинетиот Љупчо Палевски-Палчо ги извршил убиствата. Сега З. Д. во истрагата ќе треба да каже каде го однел синиот ранец со пиштолот, по наредба на тогаш избеганиот во Турција Палевски.

    „Основното јавно обвинителство Скопје итно постапи за проверка на наводите изнесени од обвинет во текот на вчерашното рочиште од судењето за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. По наредба на јавен обвинител едно лице е лишено од слобода и против него е поведена истрага за Помагање на сторител по извршено кривично дело согласно член 365 став 3 од Кривичниот законик. Согласно исказот на еден од обвинетите, сега осомничениот помогнал со прикривање на орудијата со кои се извршени кривичните дела за кои е пропишана казна доживотен затвор. По пренесени инструкции од првообвинетиот, осомничениот од просториите на политичката партија Десна зел еден син ранец во кој се наоѓало огнено оружје пиштол – со кој биле извршени двете кривични дела и го отстранил од партијата. Со тоа им помогнал на обвинетите да не бидат откриени. Со цел проверка на наводите, јавниот обвинител обезбеди и судски наредби со кои беа извршени претреси на две локации, а се преземаат и други истражни дејствија“, соопшти и додаде дека заради обезбедување на осомничениот до завршување на постапката, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерки на претпазливост – привремено да му се одземе патната исправа и да се определи забрана за нејзино издавање, како и да се определи повремено да се јавува кај службено лице во судот.

    „Истрагата против ова лице претставува посебен предмет кој не влијае на судската постапка за двете грабнувања и убиства која е во завршна фаза и во рамките на која Јавното обвинителство го поткрепи обвинението со огромен број вербални и материјални докази за сторените дела“, вели Обвинителството.

    Пресудата за убиствата на Вања и Панче ќе биде изречена на 25 јуни.

    Велибор Манев вчера, на самиот крај на судењето, револтиран што Палевски него го мести за убиствата и особено што, како што рече, го измамил дека само ќе грабаат луѓе за откуп и ќе ги ослободуваат, а место тоа Палчо ги убивал со пиштолот, реши дека ќе го каже човекот што дошол во партијата, го зел оружјето и го однел да го уништува.

    Адвокатот на Палевски, Јовица Страшевски, во завршниот збор вчера побара ослободителна пресуда и најави дека ако е осудителна, ќе биде обжалувана и во Врховниот суд ако треба, а потоа ќе биде поднесена тужба и до Судот за човекови права во Стразбур. Кажа дека тој е обвинет само со 17 докази, од кои ниеден не е конкретен и директен. Адвокатот рече дека нема трага, слика, снимка, сведок дека тој ги извршил кривичните дела – организирање на грабнувањата на Панче Жежовски и на малолетната Вања Ѓорчевска, како и нивно убиство потоа.

    Велешанецот Жежовски беше убиен на 22 ноември 2023, а скопјанката Ѓорчевска на 27 ноември. Обвинителството побара доживотен затвор за сите обвинети, Палевски, Манев, Видевски и Кешишев. Обвинет е и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, за помагање во грабнувањето на неговото дете, што тој изрично го негираше.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира