САД им честиташе на премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев за договорот за решавање на спорот за името, му се заблагодарија на посредникот Метју Нимиц и најавија дека се подготвени да го поддржат договорот, како што било побарано од двете земји. Во соопштението на портпаролката на Стејт Департментот Хедер Ноерт се вели и дека решението ќе помогне за зајакнување на безбедноста и просперитетот во регионот.
„САД им честита на премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев и го поздравува историскиот договор за решавање на спорот за името. Ова решение ќе им биде од корист на двете земји и ќе ги зајакне регионалните безбедност и просперитет. Премиерите Заев и Ципрас демонстрираа визија, храброст и истрајност во барањето заемно прифатливо решение. Ние, исто така, му се заблагодаруваме на посветеноста на посредникот на ОН Метју Нимиц за неговите безрезервни напори во текот на повеќе од две децении да стави крај на овој спор. Ние сме подготвени да го поддржиме овој договор, како што беше побарано од двете земји“, соопшти Стејт Департментот.