ПОЛИТИЧАР СО НАЈГОЛЕМА ДОВЕРБА Е ПЕНДАРОВСКИ, ВЕДНАШ ЗАД НЕГО Е ИЗБЕГАНИОТ ГРУЕВСКИ, СПОРЕД НАЈНОВАТА АНКЕТА НА ИРИ

    ПОЛИТИЧАР СО НАЈГОЛЕМА ДОВЕРБА Е ПЕНДАРОВСКИ, ВЕДНАШ ЗАД НЕГО Е ИЗБЕГАНИОТ ГРУЕВСКИ, СПОРЕД НАЈНОВАТА АНКЕТА НА ИРИГраѓаните имаат 7 отсто целосна и 41 отсто делумна доверба во медиумите и од институции, односно области, тие се веднаш зад банките кои се на прво место со 11 отсто целосна доверба. (Фото: СДК.МК)

    Со 12 отсто целосна доверба кај испитаниците, плус 26 отсто со делумна доверба, претседателот Стево Пендаровски е политичарот кому граѓаните најмногу му веруваат во моментов, вели најновата анкета на Интернационалниот републикански институт (ИРИ).

    На второ место во оваа категорија е избеганиот експремиер Никола Груевски, со 11 отсто целосна доверба, плус 19 отсто делумна доверба.

    Загрижувачка е состојбата и довербата во судството и обвинителството. Тие во целосната доверба, одат кон нулата. Судството и обвинителството имаат целосна доверба само кај 1 отсто. Делумна доверба судството има кај 18 проценти, а обвинителството кај 17 отсто.

    Граѓаните во медиумите имаат 7 отсто целосна и 41 отсто делумна доверба и тие од институции (области), се веднаш зад банките, кои се на прво место со 11 отсто целосна доверба.

    Анкетата на ИРИ за Македонија покажа зголемена поддршка за членство во ЕУ, па така, на прашањето дали ја поддржуваат интеграцијата на земјата во Европската Унија, 79% од возрасните испитаници одговориле со „да“. Ова претставува раст од шест процентни поени, во однос на анкетата извршена во октомври лани.

    „Растот во поддршката за ЕУ интеграција е знак дека западните институции нудат надеж за успешна иднина. Граѓаните на Северна Македонија ја сметаат интеграцијата со демократски блок каков што е ЕУ, како клучна за мир и напредок“, изјави Пол Мекарти, директор на ИРИ за Европа.

    Анкетата исто така покажа дека поголемиот број граѓани немаат доверба во владеењето на правото. Само 31% од испитаниците се согласиле дека законот еднакво се применува за сите граѓани на Македонија, најниско ниво досега. Шеесет и пет отсто не се согласиле со оваа изјава.

    На прашање дали одобруваат пристапните преговори со ЕУ да продолжат со внесување на Бугарите во Уставот, 30 отсто одговориле дека целосно или делумно одобруваат, а против биле 64 отсто од испитаниците. 6 отсто немаат мислење или одбиле да одговорат.

    Анкетата е спроведена во име на Центарот за анкетни истражувања од БРИМА, фирма за истражување на пазарот (членка на групацијата КАНТАР). Податоците се собрани од 8 април до 4 мај 2023, со метод интервјуа лице-в-лице во домовите на испитаниците.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира