Полицијата извршила претрес во домовите и други простории на две лица кои наводно пукале и се фотографирале со оружје за време на локалните избори минатиот месец, но не нашле предмети кои потекнуваат од кривично дело, соопшти МВР.
„Врз основа на Наредба од Основен суд Скопје 1 бил извршен претрес на дом и други простории кај лицето С.А. (32) од с. Арачиново, скопско. При претресот, не биле пронајдени предмети кои потекнуваат од кривично дело. Исто така, врз основа на судска наредба, бил извршен претрес на дом и други просториии и кај лицето В.Г. (26) од Скопје. И кај ова лице не биле пронајдени предмети кои потекнуваат од кривично дело“, се вели во соопштението.
Од МВР велат дека лицата биле лишени од слобода и во Полициската станица Гази Баба со нив бил извршени разговори, биле направени службени белешки, по што биле ослободени, а за настанот писмено бил известен Јавен обвинител.
На 29 октомври, ноќта по вториот круг од локалните избори, со пукање беше прославена победата на кандидатот на ДУИ во Општина Чаир Висар Ганиу. На собирот на плоштадот Скендербег, Ганиу за момент го прекина обраќањето поради истрелите.