Полицијата ги презеде сите потребни активности и сега треба да постапи Јавното обвинителство, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за приведувањето на Дрин Ахмети, внук на лидерот на ДУИ Али Ахмети.
„За конкретниот случај ние ги преземавме сите потребни активности од полициски аспект. Одземени се сите предмети кои беа најдени и е доставен поднесокот до Јавното обвинителство, кое ќе оцени за тоа како понатаму ќе се постапува во однос на целиот овој случај, рече Спасовски одговорајќи на новинарско прашање каков поднесок ќе има и за што ќе се товари Дрин Ахмети при денешната посета на полицискиот центар „Ѓорче Петров“, во Скопје.
Дрин Ахмети беше приведен во саботата вечер на улицата Самуилова во Скопје откако полицијата при проверка на неговото возило нашла 750 пиротехнички средства.
Од Јавното обвинителство вчера изјавија дека за случајот со внукот на Ахмети ќе се одлучува откако ќе се направи вештачење на петардите.
„За настанот е известен јавен обвинител. Во зависност од фактите кои ќе бидат утврдени со вештачења на пронајдените пиротехнички средства, јавниот обвинител ќе одлучува за натамошниот тек на постапката“, велат од Обвинителството.
Спасовски кажа дека оваа година нема ниту едно лице кое е повредено од пиротехнички средства, исто како и минатата година. Во 2023 година полицијата запленила повеќе од 100.000 парчиња на пиротехника.
А. АНТЕВСКА