ПОЛИЦИЈАТА ТРАГА ПО НАПАЃАЧОТ ШТО ПРОБОДЕ ЛЕКАР ОД КЛИНИКАТА ЗА ТОКСИКОЛОГИЈА

    ПОЛИЦИЈАТА ТРАГА ПО НАПАЃАЧОТ ШТО ПРОБОДЕ ЛЕКАР ОД КЛИНИКАТА ЗА ТОКСИКОЛОГИЈАЛекарот кој вчера вечер доаѓал на дежурство на Клиниката за токсикологија, бил нападнат на влезот на Клинички центар од зад грб и бил прободен со нож. (Фото:СДК.МК)

    Министерството за внатрешни работи потврди дека вчеравечер лекар од Клиниката за токсикологија бил нападнат пред Клиничкиот центар и бил повреден со остар предмет. Од МВР велат дека вчера вечер околу 19.50 часот добиле пријава од Ургентниот центар на скопските клиники дека кај нив е донесен повреден со остар предмет.

    „Во нападот повреден е Н.Г. четриесет и осумгодишен од Слупчане во пределот на грбот. Нападот се случил пред кебапчилница на улица Мајка Тереза“, велат од МВР.

    Од Министерството велат дека работат на расчистување на случајот.

    Извори од Клинички центар велат дека повредениот лекар кажал дека не го препознал напаѓачот, оти тој го нападнал од зад грб, при што со нож го прободел во грбот, а потоа и во стомакот.

    Директорот на Клиниката за токсикологија д-р Нико Беќаровски вели дека нивниот колега бил нападнат на влезот од Клинички центар во 19.30 часот кога доаѓал на работа, бидејќи вчера вечер требало да биде дежурен, а смената му почнувала во 20 часот. Повредениот доктор е хоспитализиран на Клиниката за дигестивна хирургија и според информациите од Клинички центар животот не му е загрозен.

    Лекарската комора на Македонија го осуди насилството врз лекарот, и очекува органите на прогонот да го расчистат случајот.

    „Најостро осудуваме физички напади врз докторите и апелираме за целосно расветлување на случајот од надлежните институции. Потсетуваме дека за надминување вакви негативни појави во тек е кампања ‘Стоп за насилство врз докторите’ што ја реализираме заедно со Лекарската комора на Македонија. Докторите и целокупниот медицински персонал вршат хумана дејност и апелираме физичи напади врз нив најостро да бидат санкционирани“, велат од Министерството за здравство.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира