ПОПИС ЌЕ СЕ ПРАВИ ВО АПРИЛ 2020 И ТРЕБА ДА ЗАВРШИ ЗА ШЕСТ МЕСЕЦИ

    ПОПИС ЌЕ СЕ ПРАВИ ВО АПРИЛ 2020 И ТРЕБА ДА ЗАВРШИ ЗА ШЕСТ МЕСЕЦИПописот ќе се реализира во првите три недели од април 2020, со можност уште една недела да се даде за дополнителни проверки (Фото: Ѓ. Личовски)

    Пописот ќе се реализира во април 2020, најави денес директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симески, по вчерашната одлука на Владата да го усвои Предлог-законот за попис на наслението, домаќинствата и становите. На денешната прес конференција Симески рече дека пописот ќе се реализира во првите три недели од април 2020, со можност уште една недела да се даде за дополнителни проверки.

    Симески кажа дека пописот ќе го реализира Државниот завод за статистика како исклучителна статистичка постапка, согласно стандардите на Обединетите нации и Евростат. Рече дека е планирано постапката за попис да заврши за шест месеци и да чини 8,5 милиони евра за набавка на потребната опрема.

    „Земјата е 16 години без податоци од попис, и се наметна потребата од спроведување на оваа постапка. Ниту една одлука или дефинирање на планови не може да се реализира без овие информации. Основните информации и произлегуваат од пописот и по неуспешниот попис се наметна потребата од спроведување нов“, рече Симески.

    Тој кажа дека пред спроведување на пописот ќе има подготвителен период, бидејќи овој пат ќе се спроведе со комбиниран метод, односно со попишување на населението, домаќинствата и становите на терен, но и со споредба на базите на податоци, кои ги имаат институциите на државата.

    „На овој начин пописот ќе се спроведе побрзо и ќе има поквалитетни податоци. Овој попис ќе се спроведе со електронски прашалници, со користење на ИТ технологија, односно лаптопи. Ќе се собираат податоци за географски, демографските, економските, образовните, етнички, културолошките и религиозните податоци, како и податоци за лицата со посебни потреби. Ќе се собираат податоци и за домаќинствата и семејствата, како и за становите“, рече Симески.

    Тој кажа дека пописот ќе се релизира на четириест и пет пописни региони, со пописни комисии и логистика од околу шест илјади лица, од кои пет илјади попишувачи кои лично ќе го спроведат пописот, петстотини реонски инструктори и околу двесте државни инструктори.

    „Со пописот ќе бидат опфатени лицата кои се присутни во државата, а оние кои се надвор од земјата ќе им се даде можност еден месец пред реализација на пописот, како и за време на пописот сами да се попишат преку посебна веб апликација, каде претходно ќе се најават за да се избегне злоупотреба на податоци. Нив може да ги попишат и лица кои најдобро ги познаваат преку доставување матичен број, но и податоци за тој што ги попишува за да се избегне злоупотреба или двојно попишување“, рече Симески.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира