Ќе мора да се одложи пописот на населението, домаќинствата и становите што треба да се спроведе во април следната година, вели директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски. Тој вели дека биле заткнати од одлуката на политичките партии во април 2020 да се одржат предвремени парламентарни избори и дека во исто време не може да се спроведува и попис и да има предизборна кампања.
„Бевме затекнати од одлуката, но ќе мора да се прилагодиме. Одлуката во април да има предвремени парламентарни избори го доведува во прашање терминот за спроведување попис во земјата. Непримерно е, и досега не се случило и непогодно е во исто време да се спроведуваат и попис и избори во државата“, вели Симовски.
Според него пописот не може да се спроведе пред изборите, бидејќи во негово спроведување учествуваат голем број учесници и од технички аспект самата организација не може да се спроведе пред април. Тој вели дека и самиот термин за одржување на пописот што е дефиниран во Законот за попис не е дефинитивен, бидејќи законот од поодамна е во собраниска процедура и сѐ уште не е донесен.
Симовски вели дека попис ќе мора да се спроведе.
„Кога и како би се спровел не може да одговориме сега во моментот, оти тоа е одлука на Парламентот и одлука на Владата, предлагач на Законот е Министерство за правда. Затоа, претходно треба да се направат консултации со овие две институции“, вели Симовски.
Е. БОЧВАРОСКА