ПОРОДИЛНО ОД 12 МЕСЕЦИ НЕМА ДА ИМА ГОДИНАВА КАКО ШТО СЕ НАЈАВУВАШЕ, НОВИОТ ЗАКОН ДВЕ ГОДИНИ Е ВО РАБОТНИ ГРУПИ

    ПОРОДИЛНО ОД 12 МЕСЕЦИ НЕМА ДА ИМА ГОДИНАВА КАКО ШТО СЕ НАЈАВУВАШЕ, НОВИОТ ЗАКОН ДВЕ ГОДИНИ Е ВО РАБОТНИ ГРУПИОд Министерството за труд и социјална политика велат дека процесот на подготовка и носење на законот бил забавен поради пандемијата на ковид-19.(Фото: СДК.МК)

    Годинава нема да биде донесен новиот Закон за работни односи со кој породилното отсуство ќе биде 12 месеци наместо 9. Иако ексминистерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска најавуваше дека законот ќе почне да се применува во текот на 2022 година и покрај зголемување на породилното боледување за мајките со законот ќе се овозможи татковците да користат 10 дена отсуство за раѓањето на детето.

    Но, од носењето и примената на новите одредби и поволности за родителите нема абер затоа што веќе две години носењето на законот не е мрднато од место. Тој сè уште е во работни групи односно не е изработен текстот.

    Од Министерството за труд и социјална политика велат дека процесот на подготовка и носење на законот бил забавен поради пандемијата на ковид-19.

    „За време на ковид-19 пандемијата  процесот  на подготовка беше забавен, средбите по однос на Законот за работните односи генерално се одржуваа онлајн и беа во поголем број. По олабавување на рестриктивните мерки беа организирани четири  повеќедневни средби на кои учествуваа претставници од сите социјални партнери. Подготовката на новиот текст на Законот за работните односи е во завршна фаза, а процесот е и понатаму целосно инклузивен, како и на почетокот. Притоа, претставниците на синдикатите и здруженијата на работодавачите, заедно со претставниците на Министерството за труд и социјална политика ги усогласуваат ставовите по сите прашања кои се од значење за работниците и работодавачите “, велат од Министерството за труд и социјална политика.

    Оттаму додаваат дека нацрт-верзијата на Законот ќе биде готова есенва, по што ќе се одвиваат јавни расправи во неколку региони во земјата. Потоа законот ќе влезе во владина процедура и потоа ќе биде доставен на усвојување во Собранието.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира