Премиерот Зоран Заев кажа дека секоја земја треба да биде оценувана според своите резултати и за него нема проблем ако Албанија биде одвоена од Македонија и пред нас ги почне пристапните преговори со ЕУ поради бугарското вето, во интервју за „Дојче Веле“.
Ова е промена на ставот на Заев, кој во мај, во интервју за „Јуроњуз“ рече дека не е можно раздвојување на Албанија и Македонија, кога е во прашање почетокот на пристапните преговори со ЕУ.
„Секоја земја заслужува да биде оценувана според своите резултати. Му посакувам успех и среќа на нашиот западен сосед, Албанија да продолжи на тој пат доколку продолжи оваа блокада од Бугарија”, рече Заев во денешното интервју за „Дојче Веле“.
Понатаму во интервјуто, Заев вели дека и покрај големото разочарување кај македонските граѓани поради бугарското вето за почеток на пристапните преговори со ЕУ, земјата нема друга алтернатива.
„Не, нема друга алтернатива за нас освен единствената: членството на Северна Македонија во Европската унија. А, пактот за европеизација на нашата земја е најскапоцен, најважен за сите наши граѓани. Ние и другите земји од Западен Балкан сме како остров во Европската унија. Опкружени сме целосно од земји членки на Европската унија. И на крајот на денот, ние сакаме да продолжиме и еден ден да станеме полноправни членки на Европската унија. И тоа не е затоа што ние избираме да одиме во Европската унија. Тоа е заради вредностите. Ние веруваме многу во европските вредности. Знаете, има многу други интереси тука во југоисточна Европа и на Балканот, од Русија, од Кина, од остатокот од светот. Но, тие не нудат вредности, демократски вредности, тие не нудат европски вредности“, вели Заев.
Премиерот во интервјуто потсети и дека „унгарската влада му помогна на Груевски да избега од Северна Македонија и му даде дозвола за престој во Унгарија, што според нас, се коси со меѓународното право“.