ПОСЛЕДНО ШТО СЕ СЕЌАВАМ БЕШЕ КАКО ПАДНАВ ЗАШЕМЕТЕН НА КОЛЕНА, КОГА ПОЧНАА УДАРИТЕ ПО ГЛАВАТА, СВЕДОЧЕШЕ  СЕЛА ЗА 27 АПРИЛ

    ПОСЛЕДНО ШТО СЕ СЕЌАВАМ БЕШЕ КАКО ПАДНАВ ЗАШЕМЕТЕН НА КОЛЕНА, КОГА ПОЧНАА УДАРИТЕ ПО ГЛАВАТА, СВЕДОЧЕШЕ  СЕЛА ЗА 27 АПРИЛЛидерот на Алијанса за Албанците Зијадин Села утринава пристигнува во Основниот суд Скопје 1. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Првиот удар од кој се зашеметил и од кој Зијадин Села се однесувал дезориентирано во собраниската прес сала на 27 април кога влезе насилничката толпа, бил удиран со монитор од компјутер и со даска по главата.

    „Последно што се сеќавам, бидејќи бев зашеметен, беше како паднав на колена, кога почнаа да ме удираат по главата, по телото, насекаде“, сведочеше денеска пратеникот и лидер на Алијансата за Албанците Зијадин Села.

    „Јас не се сеќавам кој ме удираше. Не е можно во денешно време за сè да има снимка, а само од делот кај ме тепаат да нема“, револтиран забележа тој.

    Претходно, тој го опиша влегувањето на толпата, кога го добил ударот со мониторот.

    „Пред да влезам внатре во прес-салата, се мислев дали со моите два пратеника да се качиме горе во мојата канцеларија. Во еден момент, излезе таа новинарка ли беше не знам и ми рече: ’Никаде нема да одите, сега ќе видите што ќе ви се случи‘. Културата не ми дозволува да влегувам во конфликт со жена. Потоа кога влеговме внатре и кога влезе толпата, таа ме следеше со лицето со фантомка и со маица број 46. Разговараа, гледаа накај мене, а таа ме снимаше цело време“, кажа Села.

    Впечаток на Села му оставило едно многу гневно лице со брада и избричена коса. Села се сеќава и на пониско лице со фантомка кое покажало дека има пиштол. Летале тврди предмети и кон Зоран Заев, Талат Џафери и останатите пратеници во салата. Дојде пратеникот Влатко Ѓорчев во обид да ја спречи толпата во насилствата.

    Уште кога бил во групата со пратениците, зашеметен, пред целосно да го изгуби памтењето од силното тепање по главата, Села рече дека се сеќава како му пришло лице со кожен елек, кое рекло: „Еве го Села. Ајде сега!“

    По обвинителот, Села денеска како оштетен и сведок ќе биде испрашуван и од адвокатите на 10-темина обвинети, кои беа донесени од притвор.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира