Предвидено е покачување на платите во образованието и зголемување на пензиите по новата утврдена методологија кое треба да се случи во првиот квартал идната година, најави денеска премиерот Димитар Ковачевски, претставувајќи го Предлог-буџетот за 2023, заедно со министерот за финансии Фатмир Бесими. За пензионерите следната година се издвоени дополнителни 120 милиони евра или вкупно 1,2 милијарди евра за пензиите кои што се зголемени.
Ковачевски кажа дека фокусот на Предлог-буџетот е во неколку столба, односно справување со последиците од кризата и поддршка на најранливите, стабилен економски раст, поддршка и интензивирање на процесот на ЕУ интеграции.
„Сите антикризни мерки за заштита на стандардот, дополнителната финансиска поддршка за најранливите, како и мерките за одржување на цените на основните прехранбени производи, обезбедувањето на пониска цена на електричната енергија во однос на пазарната за регулираните потрошувачи, ќе продолжат и во текот на целата идна година. Од вкупниот буџет за антикризни мерки се издвоени 250 милиони евра“, рече тој.
Премиерот продолжи дека се обезбедени средства и за сите надоместоци за ранливите категории граѓани, невработените, стечајците, гарантираната минимална помош, помош и нега на друго лице, поддршка на лицата со попреченост, за социјалните надоместоци и надоместоците за невработени, како и за активни мерки за вработување на млади лица, лица со попреченост.
„Во овој сегмент би сакал да ги споменам и трансферите кои се планирани до единиците на локална самоуправа. За 2023 година се планирани вкупно речиси 434 милиони евра во ДДВ и блок дотации кон општините во кои се планирани средства и за исплата на покачените плати на 40.000 просветни работници, кои годинава се покачија за 15 отсто. Владата дава сериозна поддршка како и секоја година до општините, а оваа година, планирани се и 57,5 милиони евра повеќе од 2022 за оваа намена“, кажа Ковачевски.
Според Предлог-буџетот, за плати во јавната администрација следната година се планирани 570 милиони евра, а за здравствениот систем во план доаѓаат 685 милиони евра.
„Капиталните инвестиции во буџетот за 2023 се проектирани на 800 милиони евра. Знам дека во јавноста постои недоверба во однос на реализацијата на овие капитални инвестиции, но она што можам тука да го посочам е дека ова е мојот прв Предлог- буџет како премиер, прв буџет врз кој имам контрола за имплементација, и ве уверувам дека лично ќе се заложам да имаме максимална реализација. Во време на криза, овие капитални инвестиции ќе ни обезбедат подобра иднина и подобар животен стандард, а тоа е она за кое јас како премиер силно се залагам“, најави Ковачевски.
Предлог-буџетот е во собраниска процедура.
Б. НЕСТОРОСКА