ПОВРЕДЕНИТЕ ПОЛИЦАЈЦИ БИЛЕ ПРИВАТНО ВО ШУТКА ПО ДОЈАВА НА ФЕЈСБУК ЗА НАВОДНИ КИДНАПИРАЊА НА ДЕЦА, ВЕЛИ СПАСОВСКИ

    ПОВРЕДЕНИТЕ ПОЛИЦАЈЦИ БИЛЕ ПРИВАТНО ВО ШУТКА ПО ДОЈАВА НА ФЕЈСБУК ЗА НАВОДНИ КИДНАПИРАЊА НА ДЕЦА, ВЕЛИ СПАСОВСКИПолесно повредениот полицаец денеска е пуштен на домашно лекување, додека другиот полицаец е во стабилна здравствена состојба и е ставен на апарат за дишење во болницата „8 Септември“. - Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски (Фото: СДК.МК)

    Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кажа дека двајцата полицајци, кои вчера беа нападнати во Шутка, биле таму приватно по дојава на Фејсбук за наводни киднапирања на деца. Спасовски вели дека во МВР нема пријава за киднапирање и очекува наскоро полицијата да излезе со конкретни информации во врска со нападот.

    „Повредени се двајца полициски службеници кои во тој момент не биле на работа, туку приватно биле во општина Шуто Оризари по претходно дадена дојава дека се случуваат наводни киднапирања на деца во општината преку Фејсбук. Апсолутно досега нема таква пријава дека се случил таков настан. Очекувам многу скоро да излеземе конкретни информации и реакција во однос на луѓето кои учествувале во овој настан“, изјави Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција со вицепремиерите Радмила Шекеринска и Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров за Договорот од Преспа.

    МВР вчера информираше дека попладнето на улица Индира Ганди во Шуто Оризари, малолетничка наводно видела дека непознати лица насилно внеле женско лице во комбе, но не знаела за кого станува збор. Таа тоа му го кажала на возрасен маж, кој пријавил во полиција, по што се собрала поголема група граѓани и во тој момент наишло возило во кое имало три лица, од кои двајца полициски службеници од полициската станица Чаир, кои не биле на работа. Насобраните, велат од МВР, ги нападнале лицата кои биле во возилото и тие се пренесени во болница за укажување на лекарска помош.

    Полесно повредениот полицаец денеска е пуштен на домашно лекување, додека другиот полицаец е во стабилна здравствена состојба и е ставен на апарат за дишење во болницата „8 Септември“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира