Голем пожар попладнево го зафати Пехчево. Гори шумата над градот, а како што велат граѓани, се шири кон Берово. Градоначалникот на Берово Звонко Пекевски на својот фејсбук профил напиша дека ситуацијата е сериозна и огнот се шири кон Берово и најблиските села.
„Пожарот е високо на шумските предели на селата, но се шири на голема површина. На терен се пожарните единици од Берово и Пехчево како и Шумското стопанство, Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување. Се апелира до месното население кон масовно вклучување во гаснењето на пожарот, како би се намалиле последиците и штетите би биле помали“, напиша Пекевски на Фејсбук.
Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов вели дека во овој момент пет хеликоптери, од кои два на Армијата и три српски, се на пат кон Пехчевскиот Регион.
„Заедно, со сета сила, ќе удрат по големот пожар кој се заканува на околните села. Без паника. Безбедноста на луѓето е на прво место. Нови куќи се прават, нови дрвја ќе пораснат, изгубените животи на луѓето нема да се вратат“, напиша Ангелов на Фејсбук.
По објавување на текстот, во редакцијата се јавија жители на Пехчево, кои велат дека хеликоптерите ги чекаат од сабајле, па потоа им било кажано дека ќе дојдат во 17 часот, но до 18.30 часот не се дојдени.
„Не мора веќе да доаѓаат. Сè изгоре“, велат жители на Пехчево.
Од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) денеска соопштија дека по активирањето на Европскиот механизам за цивилна заштита на Европската Унија, денес и утре во земјава се очекува да пристигне тим за заштита и спасување од пожари од Словенија и Бугарија.
Тимот за заштита од пожари од Словенија е составен од 45 лица, команда, ИТ експерти, медицинска екипа, пожарникари со 17 противпожарни и транспортни возила. Од Бугарија, велат од ДЗС, денеска попладне на граничниот премин кај Делчево се очекува да пристигнат 25 пожарникари со 6 различни возила, кои ќе се упатат во критичните места опфатени со пожари.
А. АНТЕВСКА