ПРАТЕНИКОТ КРМОВ ИСКРШИ МОНИТОР И МИКРОФОН ВО СОБРАНИЕТО, ЛУТ ШТО НЕ БЕА ПРИФАТЕНИ АМАНДМАНИТЕ НА ЛЕВИЦА ЗА ДЕЛОВНИКОТ

    ПРАТЕНИКОТ КРМОВ ИСКРШИ МОНИТОР И МИКРОФОН ВО СОБРАНИЕТО, ЛУТ ШТО НЕ БЕА ПРИФАТЕНИ АМАНДМАНИТЕ НА ЛЕВИЦА ЗА ДЕЛОВНИКОТКрмов го скрши мониторот од компјутерот, го тегнеше микрофонот и почна да расфрла листови хартија. (Фото: Принтскрин од Собраниски канал)

    Пратеникот на Левица Борислав Крмов го искрши мониторот во собраниската сала, лут затоа што не беа прифатени нивните амандмани за измена на Деловникот за работа.

    Инцидентот се случи откако 87 пратеници не го прифатија барањето на Левица да се повлече Деловникот од денешната расправа во Собранието. Крмов излезе на собраниската говорница и прашуваше како е можно нивните амандмани да бидат отфрлени и нервозно почна да вика од говорницата да се прекине седницата. Потпретседателот Горан Мисовски, кој ја водеше седницата бидејќи Талат Џафери како предлагач на новиот Деловник се повлече од претседателското место, само му одговараше на Крмов дека му тече времето за збор, по што тој почна да удира по предметите на масата пред Мосовски. Го скрши мониторот од компјутерот, го тегнеше микрофонот и почна да расфрла листови хартија врз Мисовски.

    „Прекинете ја седницата, готото, ова на ништо не личи. Не може да правите што сакате“, викаше Крмов.

    Потоа му се придружи и сопартиецот и лидер на Левица пратеникот Димитар Апасиев кој исто така фрлаше листови кон Мисовски.

    Ситуацијата ја смири спикерот Талат Џафери кој се качи на бината кај претседателското место, по што Мисовски даде пола час пауза.

    По паузата, пратеникот Апасиев се јави за збор со забелешка дека 2.500 амандмани на Левица не биле заверени и само 12 од нив биле исправни, па го соблече чевелот и со него удираше врз амандманите како да става печат и му ги даваше на Мисовски.

    Левица поднесе 2.500 амандмани за предлог-Деловникот. Крмов и Апасиев тврдат дека во иднина според новиот Деловник ќе се „шверцуваат сите закони во Собранието“, како што е сега случајот кога се користи „европско знаменце“ и опозицијата не може да го блокира носењето на некој закон.

    Предлог-Деловникот беше постигнат во рамки на дијалогот „Жан Моне“ започнат во Собранието пред околу пет години со посредство на неколку европратеници. Планот е новиот Деловник да се донесе до крајот на 2023, а да почне да се применува од новиот парламентарен состав по изборите следната година.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира