ПРАТЕНИЦИТЕ ДЕБАТИРААТ БЕЗ АРГУМЕНТИ, САЛИ МУРАТИ ОД ДВИЖЕЊЕТО НА ТУРЦИТЕ НАЈМНОГУ ЗБОРУВАЛ ВО СОБРАНИЕТО, ВЕЛИ НОВ ИЗВЕШТАЈ

    ПРАТЕНИЦИТЕ ДЕБАТИРААТ БЕЗ АРГУМЕНТИ, САЛИ МУРАТИ ОД ДВИЖЕЊЕТО НА ТУРЦИТЕ НАЈМНОГУ ЗБОРУВАЛ ВО СОБРАНИЕТО, ВЕЛИ НОВ ИЗВЕШТАЈОцената за квалитетот на дебата за периодот јули-декември 2025 година, на скала од 1 до 10 е 5,7.(Фото: СДК.МК)

    Пратеникот Сали Мурати од Движењето на Турците и пратениците од СДСМ Фатмир Битиќи и Јованка Тренчевска најчесто се јавувале за збор и најдолго се задржувале на собраниската говорница, покажува извештајот од набљудувањето на квалитетот на дебатата во Собранието во рамките на Програмата за парламентарна поддршка (ПСП), проект на Владата на Швајцарија. Оцената за квалитетот на дебата за периодот јули-декември 2025 година, на скала од 1 до 10 е 5,7, што е на исто ниво со квалитетот на дебатата во првото полугодие на 2025, но бележи благ пораст во однос на изминатите години.

    Анализата укажува на сериозни слабости во квалитетот на парламентарната дебата. Дури 21 процент од дискусиите биле без никаква аргументација, додека во речиси половина од случаите (49%) аргументите биле оценети како недоволно развиени. Само во 21 процент од дискусиите пратениците понудиле барем еден цврст аргумент за поддршка на своите ставови.

    „Иако се бележи благо подобрување во нивото на аргументација во 2025 година во однос на претходните години, проблем остануваат репликите и контрарепликите, каде аргументацијата е значително послаба. Ова, според извештајот, директно влијае врз ниската просечна оценка на квалитетот на дебатата во Собранието. Дополнително загрижува фактот што пратениците ретко одговараат на аргументите на своите колеги. Само во 10 проценти од излагањата било забележано директно и соодветно адресирање на претходно изнесени аргументи, што претставува најнизок процент во споредба со претходните периоди“, вели Марко Трошановски од Институтот за демократија „Социетас цивилис“.

    Извештајот укажува и на намален фокус на пратениците кон правата на маргинализираните групи. Во 79 проценти од дискусиите тие не се осврнале на ова прашање, иако тоа претставува мало подобрување во однос на претходниот период. Генерално, пратениците ги отвораат овие теми само кога се директно поврзани со конкретна точка на дневниот ред.

    Заклучокот од анализата е дека, и покрај одредени минимални подобрувања, парламентарната дебата и понатаму се соочува со недостиг од аргументираност, интеракција и суштинска контрола врз извршната власт.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира