ПРАТЕНИЦИТЕ НА ВМРО-ДПМНЕ ПОБАРАА ДА НЕ СЕ ГЛАСА ЗА ЗАМЕНИЦИТЕ МИНИСТРИ, НЕМАЛЕ ВРЕМЕ ДА ИМ ГИ ПРОЧИТААТ БИОГРАФИИТЕ

    ПРАТЕНИЦИТЕ НА ВМРО-ДПМНЕ ПОБАРАА ДА НЕ СЕ ГЛАСА ЗА ЗАМЕНИЦИТЕ МИНИСТРИ, НЕМАЛЕ ВРЕМЕ ДА ИМ ГИ ПРОЧИТААТ БИОГРАФИИТЕПратениците на ВМРО-ДПМНЕ го обвинија спикерот Талат Џафери дека го крши деловникот на денешната собраниска седница. (архивска фотографија)

    Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ на почетокот на денешната собраниска седнцица се побунија против тоа што претседателот на Собранието Талат Џафери го стави на дневен ред изборот на заменици министри, кои, како што тврдат опозициските пратеници, е спроти деловникот, бидејќи утринава во 1.40 часот по полноќ го добиле предлогот за избор на овие функционери со нивните биографии.

    Пратеникот Илија Димовски побара од Џафери да ја повлече оваа точка од дневниот ред, затоа што, како што рече, немало време ни да ги погледнат биографиите на предложените заменици министри, а некои од колегите, рече Димовски, патувале утринава од внатрешноста кон Скопје и не прочитале ниту едно име од предложените, а камоли обемните биографии.

    Тој побара Џафери да ја повлече точката и според деловникот по 10 дена да ја закаже седницата за нивен избор и апелираше да не ја силува демократијата во парламентот.
    Спикерот Џафери му одговори: „Ќе направам се за да се надоместат овие изгубени шест месеци. Точката е ставена на дневен ред според деловникот, кој овозможува точките да се ставаат по брза постапка и пред истекот на десетте дена. Јас сила не практикувам. По однос на сила, апсолвирано е тоа прашање, впрочем се уверивме сите неодамна“.

    По ова, Димовски рече: „Три од тие шест изгубени месеци беа поради тоа што вашата партија ДУИ дебатираше и анализираше“.
    Спикерот Џафери потоа ја стави на гласање точката по брза постапка за измена на Законот за рурален развој со која, исто така, беше дополнет денешниот дневен ред и дополнително ги разлути пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.

    Тие почнаа да тропаат по масите, особено кога министерот за земјоделие Љупчо Николовски доби збор за потребата од итната измена на законот.
    „Владата предложи измена на само еден член со кој ќе се одблокира исплатата на субвенциите на 80.000 апликанти меѓу земјиделците, од кои 24 илјади се тутунари. Мора веднаш оваа мала измена да ја направиме. Субвенциите беа блокирани 6 месеци, тие мора да се одблокираат.“ се надвикиуваше Николовски.
    Пратениците изгласаа измената да влезе во итна собраниската процедура.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира